Американските и арапските посредници постигнаа значителен напредок во посредувањето за прекин на огнот во војната меѓу Израел и палестинската група Хамас и ослободувањето на десетици заложници кои се уште се држат во Појасот Газа, но конечниот договор сè уште не е постигнат, изјавија денеска официјални лица.
Според тројца функционери, наредните денови ќе бидат клучни за ставање крај на борбите кои траат повеќе од 15 месеци и го дестабилизираа целиот Блиски Исток.
Како што пренесуваат агенциите, во текот на ноќта е постигнат напредок во преговорите и изготвен е нацрт-договор, а преговарачите на Израел и Хамас ќе им го вратат на нивните лидери за конечно одобрување.
Според официјалните претставници, катарските посредници извршиле нов притисок врз Хамас да го прифати договорот, додека пратеникот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, извршил притисок врз Израелците.
Виткоф неодамна се приклучи на преговорите и престојува неколку дена во регионот.
Посредниците во преговорите доставија нацрт-договор до секоја страна, а се наведува дека клучни ќе бидат следните 24 часа.
Сега се разговара за фазен прекин на огнот. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху постојано сигнализираше дека е посветен само на првата фаза, делумно ослободување на заложниците во замена за еднонеделен прекин на борбите. По почетокот на првата фаза би се преговарало за можноста за траен прекин на огнот и други прашања. Хамас побара целосно повлекување и целосен прекин на војната.
Египетски функционер рече дека е постигнат добар напредок во текот на ноќта, но дека најверојатно ќе бидат потребни уште неколку дена и дека страните сакаат да постигнат договор пред инаугурацијата на Трамп на 20 јануари. Друг функционер рече дека разговорите поминале добро, но не биле завршени.
Официјален претставник на Хамас, сепак, рече дека голем број спорни прашања допрва треба да се решат, вклучително и посветеноста на Израел да стави крај на војната и деталите за повлекувањето на израелските трупи и размената на заложници и заробеници.
Администрацијата на Бајден, заедно со Египет и Катар, помина повеќе од една година обидувајќи се да постигне договор за ставање крај на војната меѓу Израелците и Палестинците и да обезбеди ослободување на десетици заложници заробени во нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година.
Во војната на Израел во Газа загинаа повеќе од 46.000 Палестинци, повеќето жени и деца, според Министерството за здравство на територијата.