Американскиот политички стратег и поранешен потпретседател Дик Чејни почина на 84 години, потврди неговото семејство, пренесе Си-Ен-Ен.
Тој беше сметан за идејниот творец на „војната против тероризмот“ и архитект на инвазијата врз Ирак, заснована врз погрешни разузнавачки податоци.
Меѓутоа, влијанието на Чејни не се мерело само со неговата функција. Тој зад сцената ја креирал најмоќната и најконтроверзна надворешна политика на САД по Студената војна.
Како потпретседател на Џорџ В. Буш од 2001 до 2009 година, Чејни го водел одговорот на нападите од 11 септември. Од подземниот бункер под Белата куќа, издал наредба секој киднапиран авион кој би можел да ја погоди Белата куќа или Капитол да биде соборен.
Сепак, најголем белег на неговото наследство останува војната во Ирак. Според истрагите, Чејни и врвните официјални лица ги преувеличувале обавештајните податоци за наводното оружје за масовно уништување.
Подоцна, во 2014 година, тој самоуверено изјави:
– Уште еднаш би постапил исто, без двоумење.
Од друга страна, Чејни останал и жесток бранител на методите на ЦИА, вклучувајќи „waterboarding“ и задржување без судење во Гвантанамо, кои ги оправдувал како нужни во борбата против тероризмот.
Во последните години, иако тврдокорен републиканец, Чејни се дистанцирал од партијата поради Доналд Трамп, кого го нарекол „најголема закана за републиката во историјата“. На изборите во 2024 година гласал за демократката Камала Харис, што за многумина било симболичен крај на една идеолошка ера.
По трансплантацијата на срце во 2012 година, Чејни живеел повлечено, но никогаш не се откажал од своето уверување дека Америка мора да делува прва на глобалната сцена, без извинување.




























