Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков денеска во својот кабинет го прими амбасадорот на Кралството Шпанија Н.Е. Рафаел Сориано Ортиз.
На работната средба двете страни разменија мислења околу туристичката соработка меѓу двете земји, Македонија и Шпанија при што се разгледуваа можностите за воведување на авио линија Скопје –Мадрит со три летови неделно, по веќе воспоставената Скопје – Барселона. Тоа би значело поголем број на шпански гости на охридската ривиера.
Високиот гостин од Шпанија го информира градоначалникот Пецаков дека шпанската Влада има обезбедено Грант од милион евра кој што е предвиден за реконструкција на прочистителниот систем на Охридското Езеро како природна реткост заштитена од УНЕСКО. Стана збор и за физибилити студијата за прочистителни станици наменети за нашето езеро, а изработена од етаблирана шпанска компанија.
Амбасадорот Сориано Ортиз го изрази своето задоволство од убавините на Охрид, неговите традиции и култура и посочи дека ќе биде дел од вечерашната публика на фестивалот Охридско лето на чиј репертопар е предвиден настап на уметници од Шпанија.