Британскиот амбасадор во Република Македонија, Метју Лосон, во гостување во дневникот на Сител телевизија го изнесе своето видување за новото стратешко партнерство и Спогодбата помеѓу двете влади, оценувајќи ги како важен чекор напред во билатералните односи.
– Мислам дека ова е навистина историски момент во нашите билатерални односи меѓу Британија и Македонија. Како што слушнавте од премиерите, ние објавивме стратешко партнерство во рамки на кое се потпишува и договор Влада со Влада кој ги поставува условите за поголема трговска размена од Велика Британија во земјава – истакна амбасадорот Лосон.
Тој појасни дека причината за ваквиот чекор е постоечкиот договор за трговија кој беше потпишан пред пет години, но дека постоело заедничко убедување дека е време за продлабочување на соработката.
– Причината поради која го правиме ова е тоа што со вас имаме договор за трговија потпишан пред пет години, но на двете страни постоеше мислење дека е погодно време да се постигне стратешкото партнерство за сета добра работа која ја работиме и да се направи дополнителен исчекор – изјави тој.
Според амбасадорот, граѓаните ќе можат да видат конкретни резултати од новото партнерство, особено во сферите на одбраната, образованието, културата и безбедноста.
– Она што граѓаните ќе го видат е уште поблиска соработка со Велика Британија за значајни прашања. Како НАТО партнери ги тренираме вашите вооружени сили за заедничко учество во НАТО, имаме фантастична соработка на сите полиња – од глобални теми до надворешна политика. Министерката за образование ќе биде во Лондон оваа недела на Светскиот образовен форум, па гледаме можност за соработка во образованието, културата и секако продлабочување на нашата соработка во борбата со организираниот криминал и миграцијата – рече Лосон.
Тој го нагласи и економскиот аспект на договорот, посочувајќи дека Велика Британија е втор најголем инвеститор во земјава и дека се работи на формирање Британска бизнис асоцијација.
– Навистина, еве најдоброто го оставам за крај – како ваш втор најголем инвеститор, според вашите податоци, околу половина од нашите инвестиции во целиот Западен Балкан се во Македонија. Ова е дел од договорот Влада со Влада за забрзан чекор и продлабочување на веќе воспоставеното економско и трговско партнерство. Ние како Велика Британија сме слободна трговска нација и мислиме дека ова ќе даде импулс – работиме многу напорно за формирање на Британска бизнис асоцијација. Имаме фантастична листа на бизниси тука кои веќе инвестирале и кои сакаат да ја продлабочат нашата врска – истакна амбасадорот.
На крајот, Лосон најави дека договорот Влада со Влада ќе биде официјално потпишан оваа недела во Велика Британија и изрази очекување за значајни економски резултати.
– Договорот Влада со Влада кој ќе го потпишеме оваа недела во Велика Британија е дел од тоа пошироко партнерство и се надеваме дека ова дополнително ќе даде поттик за инвестирање на стотици милиони фунти од значење за британската економија и стотици милиони фунти од значење за вашата економија, за кои сум сигурен дека граѓаните ќе ги видат – потенцираше Лосон.