Топ Вести - Слушај сега
Големи предизвици го одбележаа здравствениот систем во 2025 година, оцени денеска министерот за здравство Азир Алиу по средбата со новинарите. Тој истакна дека повеќе проекти се во тек или во завршна фаза во јавните здравствени установи, а нови активности се планираат и за 2026 година.
– Здравствениот систем во секоја држава се соочува со предизвици, така е и кај нас. На крајот на годината веќе располагаме со база на податоци од здравствениот систем. За првпат имаме база на човечки ресурси, а наскоро ќе имаме и база на инфраструктура и технологии. Од аспект на законите, 12 закони веќе се во постапка на обработка и изменување, а работиме и на два нови закони кои досега не постоеја, но процесите налагаат да ги имаме. Очекувам до крајот на февруари сите законски решенија да бидат завршени – истакна Алиу.
Министерот појасни дека во Министерството за здравство се формирани шест работни групи кои го следат квалитетот на клиничките услуги. Пет од нив, како што наведе, веќе доставиле извештаи според кои немало клинички пропусти во третманот на пациентите, додека една група сè уште работи, а извештај за конкретен случај се очекува наредната недела.
Говорејќи за дигитализацијата како еден од клучните приоритети во здравството, Алиу информира дека во тек се активности на работната група за унапредување на регистрите на здравствени работници и здравствени установи, како и нивно поврзување со приватните здравствени установи во рамки на Националниот систем за електронски евиденции во здравството.
Една од главните придобивки, како што посочи, е централизирано и интегрирано управување со податоци, како и зголемена интероперабилност меѓу јавните и приватните здравствени установи. Посебна работна група работи на изработка на Стратегијата за дигитално здравство, при што веќе е поставена основа за нејзино финално усвојување и имплементација.
Работна група за лабораториски стандарди – LOINC ќе работи на усогласување на лабораториските тестови и резултати со меѓународно признати стандарди. Паралелно се работи на реконструкција и модернизација на дата-центарот, како и на воспоставување секундарен дата-центар, со цел унапредување на ИТ-инфраструктурата на Министерството за здравство и Управата за електронско здравство. Почната е и набавка на нова опрема, информира министерот.
Во фаза на реализација, како што нагласи Алиу, се проекти за реконструкција и адаптација на КАРИЛ, реновирање на 10 операциони сали со нивните предпростории, ходници и машински сали на Хируршките клиники при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ – Скопје, како и обновување на компресорски станици и станици за медицински гасови во Клиниката за токсикологија, Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, Општата болница во Струга – нефрологија и Општата болница во Гостивар.
Меѓу проектите со готова или завршна фаза на техничка документација се реконструкција и адаптација на простор во Клиниката за гинекологија и акушерство за потребите на програмата за биолошко потпомогнато оплодување (ин витро фертилизација), изградба на нов објект за Психијатриската болница во Демир Хисар, како и УНОПС-проектот за гасификација на објектите на Здравствениот дом – Скопје, ЈЗУ за геријатрија, Психијатриската болница Бардовци, Клиничката болница во Тетово и Центарот за јавно здравје Тетово.
Планирани се и проекти за изградба на поликлиники и амбуланти во соработка со општините, реконструкција на Општата болница во Велес, формирање Центар за цистична фиброза во рамки на Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле, како и децентрализација на онколошките услуги преку отворање регионални центри за дневна терапија во ГОБ „8 Септември“ и клиничките болници во Тетово, Штип и Битола.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖