Албанската национална агенција за храна (АКУ) во Скадар повторно заплени значителна количина пченка увезена од Србија, откако лабораториските анализи покажале присуство на афлатоксин Б1 над дозволените граници.
Како што соопшти Агенцијата, на граничниот премин Хан Хоти, на албанско-црногорската граница, е блокирана нова пратка од околу 75 тони пченка, која ќе биде предмет на дополнителни тестирања. Само неколку дена претходно, од истиот извозник беа задржани уште 25 тони, со што вкупната количина блокирана пченка досега достигнува 100 тони.
Од АКУ објаснуваат дека во првата пратка, лабораториските тестови потврдиле присуство на афлатоксин Б1 над дозволените норми за земјата. Иако концентрацијата, според европските стандарди, би се сметала за прифатлива, албанските прописи се построги и не дозволуваат увоз на ваков производ на домашниот пазар.
Во рамки на засилените контроли, властите привремено ја блокирале и една фарма во селото Труш, откако системот за следење покажал дека таа се снабдувала со добиточна храна од истиот извор чија испорака е забранета.
Албанските власти најавија дека ќе продолжат со строгите проверки на увезената пченка и житни производи, за да се спречи влез на небезбедна храна на пазарот.



























