Што се однесува до Љупчо Коцевски, почекајте и ќе видите. Вака одговори премиерот Христијан Мицкоски денеска на новинарско прашање во врска со најавата дека ќе продолжи процесот за разрешување на државниот јавен обвинител по завршувањето на локалните избори.
Тој рече дека во шесте предложени закони од областа на правосудството, главната „реформа“ е зголемување на платите на судиите и на обвинителите, но дека тој тоа нема да го дозволи.
– Промената во шесте предложени закони, за обвинителска служба, за судска служба, за судскиот совет, за советот на јавни обвинители…, главната реформа е да се зголемат платите. А следната година треба да вратиме над 2 милијарди евра долг од буџет од 6,5 милијарди евра, поради задолжувањата од минатото, не од оваа влада. Треба да обезбедиме плати, социјални трансфери, пензии, трошоци и да вратиме над 2 милијарди, поради некој кој душмански ја задолжувал државата и неродените генерации. Ако некои мислат дека треба да им ги дуплираме платите на судиите и на обвинителите, нека кажат, еве јас ќе ја донирам мојата плата. Ама да обвинуваат и да судат според законите, а не како што прават до сега – рече Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за најавените реформи по изборите и за оценката во извештајот на Европската комисија за правосудството.
Знам дека сега ќе ме нападнат, додаде тој, но моралот не ми дозволува да се согласам со зголемување на плати на луѓе кои имаат никаков рејтинг.
– Ако е тоа клучната реформа, простете, јас нема да ја направам. Не можеме да одвоиме повеќе пари од најразвиените земји во Европа, за финансирање на судовите. Тоа не можеме да го направиме – рече Мицкоски.
Тој нагласи дека јавноста треба да знае дека реформите во тие закони се за повисоки плати, а не за суштински измени.
– Такви суштински измени има во измените на Кривичниот законик, што ги подготвуваме под притисок на одлуката на Уставниот суд. Правиме измени на Кривичниот законик и тие до Нова година ќе влезат во собраниска процедура, за да го задоволиме судот и да не се случи да направиме една општа колективна амнестија во општеството и сите криминалци да излезат од затворите – рече Мицкоски.
Секој треба да има одговорност пред да донесе каква било одлука, а претходната влада го измени Кривичниот законик така што направи за многумина да има политичка амнестија, потсети Мицкоски.
– Сега кога ќе го смениме Кривичниот законик, без разлика дали ќе покренеме дело против некој од бившата власт, тој ќе се повикува на измените на КЗ, што ги донесоа на шверцерски начин со европско знаме. Тогаш сите молчеа, а денеска се гласни и велат извештајот вели така и така. А каде бевте тогаш? Тогаш молчеа, мислеа дека така ќе направат притисок врз ВМРО-ДПМНЕ, преку поранешни структури да се направат уставните измени. Не им успеа – рече Мицкоски.
Мора, категоричен е премиерот, да ги кажуваме работите како што се, а не онака како што некој сака да ни ги претстави.
– Ние ќе направиме сè што е во нашата моќ да ја завршиме домашната работа, ајде да видиме тогаш што ќе се случи. Пред 8 години, кога менувавме имиња и презимиња ни велеа дека сме фронтранери и ако ги смениме името и презимето, за 3-4 години сме во ЕУ. Тие 3-4 години изминаа пред 3-4 години и каде сме, онаму каде што бевме пред 25 години. Супер, а ако го смениме Уставот, уште ако може и да не сме Македонци, да сме нешто друго, најдобри ќе сме. Онака како што некој ни прави булинг и сака да ја сопре Македонија да напредува кон ЕУ. Тоа нема да го дозволиме, додека сум јас премиер. Кога ќе дојде некој друг… – рече премиерот Мицкоски.
На прашање дека Владата најави конкретни чекори за надминување на спорот со Бугарија по локалните избори, Мицкоски рече дека ставот на Владата е многу јасен.
– Се знае кои се нашите црвени линии. Подготвени сме да седнеме и да разговараме, ама не е коректно некој да очекува дека оваа влада, додека сум јас премиер наеднаш ќе рече, е добро, ова што досега го зборувавме не важи, сега ќе седнеме и ќе направиме уставни измени. Вакви предавства и капитулации додека сум јас премиер нема да се случат – рече Мицкоски.




























