Кремљ денеска соопшти дека средбата помеѓу рускиот и американскиот претседтаек Владимир Путин и Доналд Трамп би можела да се одржи за две недели или малку подоцна, но оти има уште многу детали да се договорат пред да се одреди точниот датум.
Во вчерашниот телефонски разговор Путин и Трамп се договорија да одржат втор самит за војната во Украина во главниот град на Унгарија, Будимпешта. Првата нивна средба беше на Алјаска на 15 август, на која не беше постигнат напредок.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Марко Рубио треба телефоински да разговарат и да договорат состанок на кој би се решиле голем број прашања пред самитот.
– Има многу прашања, мора да бидат утврдени преговарачките тимови и така натаму и така натаму. Според тоа, сè ќе се одвива во фази, секако ако има волја кај двајцата претседатели. Самитот навистина може да се одржи за две седмици или малку подоцна. Општо е прифатено дека ништо не треба да се одложува – истакна Песков.
Тој додаде дека Русија останува отворена за договор што би ја завршил војната во Украина на мирен начин.
Русија го обвинува Киев и неговите европски сојузници за застојот во мировните преговори. Тие, од друга страна, ја обвинуваат Русија за поставување неприфатливи услови и истакнуваат дека не веруваат дека Путин искрено сака мир.
За денеска е предвидено Трамп во Белата куќа да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Претходно, премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, по телефонскиот разговор со Трамп, денеска изјави дека разговарал со Путин и оти подготовките за средба во Будимпешта помеѓу рускиот претседател и неговиот американски колега „продолжуваат со полна брзина“.
– Унгарија ќе гарантира, дека Путин ќе може да влезе во земјата за средбата со Трамп и оти потоа ќе може да се врати дома – изјави шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто.
Меѓународниот кривичен суд има издадено налог за апсење на Путин, а Унгарија е во процес на повлекување од институцијата. Москва ги негира обвинувањата на Судот и го посочува налогот за апсење како доказ за непријателскиот став на Западот кон Русија.
– Ќе се погрижиме тој да влезе во Унгарија, да има успешни преговори тука, а потоа да си оди дома. Нема потреба од никакви консултации со никого, ние сме суверена земја тука. Ќе го пречекаме (Путин) со почит, ќе го угостиме и ќе му обезбедиме услови за преговори со американскиот претседател – наведе Сијарто.
Во вчерашниот телефонски разговор Трамп и Путин се согласија за состанок на високо ниво на нивните делегации, по што двајцата треба да се сретнат во Будимпешта.
„Претседателот Путин и јас ќе се сретнеме на договорена локација во Будимпешта за да видиме дали можеме да ја завршиме оваа неславна војна меѓу Русија и Украина“, напиша Трамп на својот профил на „Трут соушл“ (Truth Social).
Односите на Унгарија и Украина изминатите месеци се тензични, бидејќи Орбан е против ЕУ да испраќа воена помош за Киев. Зеленски минатиот месец тврдеше дека унгарски беспилотни летала навлегле во украинскиот воздушен простор, на што Орбан одговори дека Украина не е независна суверена држава.
Унгарија, исто така, сè уште се потпира на руските резерви на гас и нафта, иако ЕУ се обидува да ги намали тие резерви до 2028 година, а Трамп ја повика Унијата да престане да увезува руска енергија.