Background

Мајката Марија сведочеше како пребарувала меѓу тела за да го најде синот

Топ Вести - Слушај сега

0:00 0:00
100

Дваесет и четиригодишниот Андреј Петрушев бил повикан на испомош вечерта кога загинал во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Неговиот помал брат кристијан (20) исто така бил повикан на испомош, но одбил не знаејќи дека таа одлука ќе му го спаси животот.

- Advertisement -
Ad image

Андреј бил вработен во ресторанот „Престиж“, претходно бил 6 месеци во Хрватска, од 1 април требало да се врати во земјава.

– Андреј од млади години работеше во кафулиња и во ресторани и таа кобна вечер беше како испомош во дискотеката „Пулс“. И другиот син има искуство во угостителската дејност. Во 1 часот газдата на локалот го повикал и него да помогне, оти имало гужва, но Кристијан (20) одбил. Газдата Дејан Јованов ги повика на испомош. Андреј за последен пат го слушав во 6.30 часот тој ден. Беше на смена во „Престиж“, рече дека е уморен и дека го викнале во „Пулс“ и дека ако најде замена нема да оди – сведочеше мајката на Андреј, Марија Петрушева.

На прашањето од обвинителката Маја Коневска како дознале што се случило вечерта, таа рече:

– Бевме будни со сопругот. Околу 2.40 ги слушнавме првите сирени на амбулантните коли. Отворив прозорец, од нашата тераса се гледа болницата. Имаше многу возила. Прво помислив дека е некоја сообраќајка и не се вознемирив. Но по 15 минути почнаа многу повеќе сирени и возила, пак погледнав низ прозорецот, видов пожарно возило како се движи во спротивна насока, кон излезот на Кочани. Тогаш сфатив дека е нешто сериозно, оти имаше многу цивилни коли кои со трепкачи се движеа кон болницата. Некои коли се движеа кон стадионот. Тогаш почувствувавме миризба на чад, почнавме да паничиме. Од другата страна на нашиот стан се гледа кон излезот на Кочани, отидовме кон таа тераса и во далечината се гледаше како свети небото зад ридот. Во тој правец е дискотеката „Пулс“. Сфатив дека во тоа време освен дискотеката, ништо друго не работи. Фактот дека имаше концерт на ДНК ми донесе мисла дека е можно таму нешто да се случува. Почнав да им ѕвонам на двајцата синови, на едниот, па на другиот, но одговор немаше. На Андреј му пишав на Инстаграм „Што се случува?“. До ден денес пораката е непрочитана. Тоа беше околу 3.10 часот. Како што бевме по домашна облека, обувме само патики и со сопругот тргнавме кон дискотеката – рече Марија.

Стасале таму по споредни улици, бидејќи на главната имало премногу коли. Виделе голем пламен. По патот сретнале деца кои им потврдиле дека „Пулс“ гори.

– Ѝ се јавив на мајка ми, бидејќи Кристијан таа вечер планираше да спие кај неа, за да ја прашам дали е таму. Ми одговори дека околу 2 часот заминал кон дискотеката. Трчајќи се упативме кон дискотеката. Баравме познати лица, да ни кажат дали ги виделе синовите. На сите страни трчаа деца, родители. Кај хотелот „Национал“, видов другар на Андреј, го прашав дали ги видел. Ми кажа дека го видел Кристијан, но не и Андреј. Кога стасавме кај паркингот на дискотектата ја сфативме сериозноста на ситуацијата. Пред дискотеката имаше премногу тела. Сопругот се упати во дискотеката да ги бара, а јас се наведнав да ги превртувам децата за да видам дали некој од синовите е тука. Го барав Андреј, оти за Кристијан ми рекоа дека го виделе – рече Марија.

Додека викала, ја слушнал другар на Андреј, кој ѝ рекол дека Андреј и Кристијан се однесени со амбулантна кола во болница, дека Андреј имал слаб пулс, а Кристијан бил добар.

-„Сама ли си?“, ме праша. Му реков дека сопругот влезе внатре да ги бара. Ми рече „Ѕвони му веднаш да излезе, оти многумина што влегоа се онесвестија“. Му ѕвонев, му реков дека децата се во болница. Во тој момент, имав чувство на некоја сигурност, дека ќе им се пружи помош. Не сфаќавме што се случува. И тие деца што лежеа таму, не сфаќав дека се мрвти, мислев дека се онесвестени од чадот – рече Марија.

Таа рече дека пред хотелот имало службени лица, кои повикувале да не се прави гужва, за да има прооден пат, за да минуваат амбулантните возила.

Со сопругот отишле во болницата. Патот дотаму бил блокиран.

– Кога стигнав, таму ме дочека уште поголем ужас. Цел ходник беше со легнати деца на подот, на клупите, исцрнети до непрепознавање, некои изгорени. Медицинскиот персонал беше растрчан. Таму викав по Кристијан. Тогаш слушнав една наша докторка кога на една родителка ѝ соопшти дека нејзината ќерка починала. Тоа беше шок, не очекував мртви. Некој рече има деца и во други одделенија, на интерно, на хирургија, барајте и таму. Се упатив кон интерно, на првиот кат, додека се пробивав беше хаос, ги носеа на колички, две деца носеа други деца… Кога се качив, почнав да барам од првата соба натаму. Некои соби беа со отворени врати, им се даваше помош на некои повредени. Јас викав по Кристијан, логично ми беше дека тој е со неговиот брат. Како што ги одминував и ги отворав собите, веќе бев при крајот на ходникот, во соба број 2, која е спроти другиот влез на интерното одделение налетав на Кристијан, кој влегуваше во тој момент. Ме праша, „Мамо, што овде?“ Јас викав „брат ти, брат ти“. Тој ми рече „Мамо, не успеавме, не го спасивме брат ми.“ Јас не можев да поверувам. Тој ми потврдуваше, јас не верував. Влеговме во соба број 2, Андреј беше на вториот кревет, изгледаше нормално, немаше изгореници, освен една мала на подлактицата. Имаше и канила, го прашав Кристијан дали лекарите му дале помош. Тој ми кажа дека имал адреналин, така му кажале докторите. Андреј изгледаше толку живо, реков дека лекарите не знаат што зборуваат. Дојде и сопругот. Почнавме да му даваме вештачко дишење. Додека му давав дишење, тој испушташе некој воздух, некои необични звуци, мислев дека се враќа, дека го оживуваме. Му реков на брат му, да стисне посилно, да го спасиме. Многу време го анимиравме, умот не ми даваше да се помирам со тоа дека е мртов, дека треба да го вратиме, дека не е можно тоа што го гледам. Му реков на сопругот, оди барај доктори, мора да ми го вратат Андреј. Во тој момент поминуваше еден лекар, сопругот го повлече, му реков „Докторе спаси го, спаси го“. Тој го фати за пулс, ми рече дека нема пулс и дека веќе се лади. Имаше уште три деца, му рековме да ги прегледа и нив. Ниеден немаше пулс – рече Марија.

Нејзиното сведочење предизвика плач кај присутните родители.

Во собата имало другарка на Кристијан, на која тој ѝ давал вештачко дишење.

– Не можевме да се помириме дека тие деца се мртви. Забележавме дека има црно во носот. Докторот ја утврди смртта, јас не прифаќав. Но сопругот и Кристијан ми рекоа „Доста, доста, го мачиш и него, не можеме да го повратиме“. Им реков да ме остават неколку минути да го гушнам за последен пат и да лежам до него. До тој момент не беа забележале дека сме таму. Тогаш дојдоа службени лица од МВР и рекоа да излеземе надвор – додаде Марија.

Тогаш не знаеле колку животи однел пожарот. Од болницата се упатиле кон Итната помош.

– Имаше стотици родители и блиски роднини. Пискотници. Видов мои блиски кои ми кажаа дека ги загубиле децата. Во итната помош примив инјекции за смирување. Не бев способна да останам, сопругот ме врати дома, а тој остана да чека што ќе се случува. Попладне ми соопштија дека одлучиле да ги носат децата на обдукција во Скопје. Дојде, ме зема и пак отидовме заедно во болницата. Сопругот цело време беше во болницата. Ние родителите реагиравме дека не сакавме децата да ги носат на обдукција, тоа беше преголем шок за нас. Но, откако ни објаснила дека мора, нѐ убедија и попладнето ги зедоа – рече Марија, која тие денови ги поминала со лекарства и со инјекции за смирување кои ги примала наутро и навечер.

Таа сведиочеше дека во првите две-три соби имало доктори кои правеле реанимација на децата, се обидувале да ги спасат.

– Неколку соби беа затворени, ги отворив, имаше пациенти кои за друго лежеа таму. Во една соба имаше легнати деца на креветите, мислев дека се пациенти што спијат. Го барав Андреј, штом не е таму, продолжував. Во собата каде што беше Андреј, исто, децата не беа изгорени, изгледаа нормално – рече Марија.

– Во каква состојба беше Кристијан? – праша обвинителот.

– Тој беше избезумен, лут, револтиран, дури и со раката мавна по стаклото во собата и го скрши, викајќи „Зошто, зошто“. Затоа не го испуштав и него од поглед. Кристијан немаше повреди. Тој во моментот кога настанал пожарот бил надвор на цигара. Во понеделникот кажаа дека сите што биле во дискотеката треба да одат на преглед. Кристијан таа вечер влегувал неколку пати во диското, спасувал луѓе барајќи го својот брат, секој на кого ќе наидел го извлекувал. Го видел братот пред „Пулс“, некој друг го изнел Андреј. Во амбулантната кола имало мртво дете и друго многу повредено дете и поради тие трауми, јас не сакав да оди со амбулантна кола во Скопје на прегледи. Го однесовме со приватна кола во Клиниката „Жан Митрев“, оти ни кажаа дека и таму се прават анализи. Му најдоа мал процент јаглерод моноксид, му дадоа терапија и ни рекоа да дојде на контрола. Психичката состојба му беше многу лоша, се обвинуваше себеси дека тој не можел да го спаси брат му. Му беа активирани полипите на носот од вдишувањето и итно во мај му правеа операција. Кристијан до денес има кошмари и ја преживува таа вечер. Најтешка е загубата на братот. „Тие 10 минути, додека се расчисти стампедото, додека извлекував други, можеби беа клучни за да го спасам него, ама не успеав“, вели Кристијан. Во овој момент јас покрај неповратната загуба на едниот син, се борам и психички да го подигнам другиот син. Некогаш мислам дека сум успеала, но тоа ќе остане засекогаш во него – рече Марија.

Таа додаде дека животот ѝ е поделен на пред и по 16 март.

– Секое утро се соочувам со реалноста, празнината. Знаеш дека ништо не можеш да смениш, само се прашуваш зошто? Зошто се случи тоа, зошто не можеше да се спаси. Агонијата е секој ден сѐ поголема. Ние преживуваме. Со болката се бориш, но не можеш никогаш да се помириш. Во овој момент можам да кажам дека завидувам на една личност која е најодговорна за смртта на моето дете, оти неговиот син е до него, а мојот не е до мене– заврши мајката на загинатиот Андреј Петрушев.

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

Stop following

Unfollow Cancel

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation