Бројот на невработени во континуитет се намалува, но истовремено опаѓа и бројот на работници во земјава. Прашањето кое се наметнува е каде работат невработените?
Вообичаено се смета дека кадарот се одлева од земјава во странство, дека многумина работат од тука за странски фирми… Населението во земјава генерално старее и работниците одат во пензија, а статистичките податоци укажуваат и на друг тренд – пораст на неформални вработувања и на население кое е неактивно на пазарот на трудот.
Податоците за вториот квартал од годинава објавени од Државниот завод за статистика говорат дека бројот на невработени лица во второто тримесечје од 2025 година е намален за 7,2% во споредба со истото тримесечје од минатата година. Бројот на вработени е намален за 4,2%, а во преработувачката индустрија овој број е помал за 4,4%. Но, расте бројот на работници на црно. Во овој квартал 98.095 се такви вработувања што е раст од 11,3% во однос на истиот период лани. Најголем број неформално вработени лица, 51,4%, има во секторот Земјоделство, шумарство и рибарство и 17,1% во секторот градежништво.
Податоците покажуваат и дека се намалува и населението кое е активно на пазарот на труд. Стапката на активно население во вториот квартал падна на 52,2%.
Експерти и бизнисмени велат дека негативните текови на пазарот на труд се стандард во земјава, но загрижува фактот што се зголемуваат сивите вработувања за што, според нив, извор се агресивното зголемување на минималната плата и другите плати кои ги зголемуваат трошоците на компаниите, социјалната политика и големиот број луѓе кои работат, а не успеваат да ги задоволат основните потреби за живот и се обидуваат преку дополнителна работа да го покријат недостигот од пари.
Професорот Здравко Савески вели дека не е проблем тоа што активноста на населението на пазарот на труд се намалува, но проблем е тоа што расте бројот на нетипични вработувања кои можат да ја вратат државата во состојба на намалено плаќање придонеси.
– Станува збор за дополнителна работа или работа со скратено работно време на луѓе кои покрај платата од различни причини (немање доволно финансиски средства за живот или поради развивање на конзумистичка култура) работат дополнително и се плашат поради тоа да не го изгубат работното место. Тие не сакаат таа работа да биде пријавена. Ова им одговара на работодавачите поради помалите трошоци кои ги имаат за ваков тип работа. Но, практиката покажува тенденција дека ваквиот начин на засновање работен однос работодавачите се обидуваат да го спроведат и кај преостанатите – пријавените работници. Така се случува дел од нив да ги третираат и плаќаат како работници со скратена работа, односно двајца работници да работат по 4 часа, за што трошоците на работодавачите се намалуваат, а работата е завршена. Ова станува тренд од кој не само што губат работниците туку губи и државата – вели Савески.
Според него, државата треба да реагира навреме на порастот на трендот на вакви несигурни работни места, бидејќи ако оваа состојба се занемари може да се вратиме на состојбата од пред 20 години кога никој не плаќаше придонеси.
Савески предупредува и на фактот што одделни дејности ги губат вработените без да можат да ги заменат со нов кадар.
– Такви се здравството, образованието па и низа други сектори кои се од суштинско значење за целата популација и за државата. Тоа треба да го имаат предвид оние кои ги донесуваат политиките и кои треба да ги спроведат – појаснува тој.
Савески вели дека трендот на неактивност на населението на пазарот на труд не треба да загрижува, ако не се смета проблемот со иселувањето и стареењето на населението.
– Граѓаните може да одлучат да не учествуваат на пазарот на труд. Но тоа не значи дека овие луѓе на работат ништо. Дел од нив можеби се одлучиле на домашна работа или пак донеле семејна одлука дел од членовите на семејството поради добрата финансиска состојба да не работат – вели тој.
Дел од експертите велат дека состојбите на пазарот на труд се вакви бидејќи економијата не може да го интегрира работоспособното население, а човечкиот капитал е неискористен. Тука голем проблем е тоа што се дозволува да работат несоодветно образовани работници што влијае врз нивната продуктивност.
Миле Бошков од Конфедерацијата на работодавачи вели дека трендот на пораст на сивите вработувања и намалување на бројот на работници е резултат на агресивните политики за зголемување на платите.
– Растот на платите не е проблем за бизнисите, ако е согласно растот на економијата, но трендот на агресивно зголемување на минималната плата и на другите плати, а со тоа и порастот на трошоците за плата е погубен за малите и за микро фирмите, посебно за занаетчиството. Тие не се среќни со оваа состојба и се принудени да се дерегистрираат и некои да работат во сивата зона. Друг проблем се социјалните придонеси кои ги дава државата, па голем број луѓе не сакаат да работат или се плашат дека ќе ги изгубат овие привилегии, ако се вработат, па ако сакаат да работат тоа го прават на црно – вели Бошков.
Бошков вели дека решение на проблемот е да се обезбеди поголема економска активност и поголема ангажираност на државата да им обезбеди подобри услови за работа на компаниите и преку намалување на даночните и на царинските обврски.
Бизнисмените со години велат дека не можат да ги пополнат работните места, не само поради фактот што младите заминуваат во странство, туку поради тоа што нема соодветен кадар, а дел од невработените воопшто не се заинтересирани да работат.
– Огласот за градежен инженер е отворен со месеци. Никој не се јавува, а зошто бидејќи веќе нема таков кадар во земјава. Сега сме принудени да ангажираме инженер хонорарец кој ја врши работата кај нас откако ќе ги заврши обврските во фирмата за која работи – вели сопственик на градежна фирма.
Дел од проблемот е и тоа што во сивата зона сѐ повеќе се интегрира и младата популација која не може да ги прифати манипулациите при вработување.
– Прашувате зошто не сум пријавена, а барам работа. Па и врапците знаат дека Агенцијата за вработување само брои кој е невработен, а не прави напори за вработување. Ако сакаш да се вработиш на пример како професор за нешто за што си учел 4 години, ти треба партиска книшка. Па си принуден да прифатиш работно место кое не соодветствува на твоето образование. И си принуден да работиш како продавачка, на пример, бидејќи има најмногу конкурси за оваа струка. Не дека оваа професија е лоша и не е платена, туку ти е криво што родителите фрлиле четиригодишен труд во твоето образование за џабе. И што ти преостанува да одиш во странство или да седиш дома и да чекаш подобри времиња – вели Анкица А. од Скопје која чека две години за да добие шанса да им предава на учениците за што се образувала.
Друг исто така млад човек вели дека иако работи не му стигаат парите што ги заработува за животот што го сака.
– Велите зошто работам на црно. Ми требат овие пари, и не ме интересира дали работодавецот ѝ плаќа придонеси на државата. Мојата незаинтересираност не е поради тоа што сакам тој незаконски да работи, туку дека сум револтиран од тоа колку државните институции гледаат низ прсти на некои, а други ги принудуваат за мали пари да плаќаат персонален данок – вели тој.