Текстилните компании се принудени да отпуштаат работници поради намалениот обем на работа и поради намалените нарачки од странските партнери. Нарачките кај дел од нив целосно се згаснати, а кај де се намалени за околу 15%.
Последниот месец се затворени три фабрики со по 100 вработени, а се проценува дека од почетокот на годината повеќе од 5.000 работници заминале од секторот.
И официјалните податоци за бројот на работници во секторот на Државниот завод за статистика кои се однесуваат на седум месеци од годината, говорат дека има големо намалување. Во овој период во текстилната индустрија за производство на облека бројот на работници е намален за 9,8% а во индустријата за производство на текстил за 6,1%
Споредено со 2021 година бројот на работници во производството на облека е намален за 31,4%, а во производството на текстил за 7%.
Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи кој е сопственик на конфекцијата „Мода“ од Свети Николе вели дека трендот на паѓање на текстилната индустрија е засилен од корона кризата.
– Годишниот пад на текстилната индустрија пред коронакризата изнесуваше 2%, но по 2020 година текстилната индустрија нагло паѓа, годишно за 5 до 6%. И тоа не е случајно. Во овој период се соочи со две големи кризи и сега последната е со кризата на европската економија, посебно германската. Знаете, текстилот прв паѓа кога ќе се случи некоја криза, бидејќи се смета како луксуз. Така е и сега – вели Димитров.
Но, додава тој, не е само проблем побарувачката на текстилни производи, туку и поскапувањето на нашето производство кое станува неисплатливо за нашите странски партнери.
– Нашиот германски партнер кој има 56% сопственост во фабриката ни го намали производството побара да го намалиме производството од 3.500 на 3.300 единици. Ако го испочитуваме тоа и не најдеме нова работа за да го покриеме овој кусок ќе треба да отпуштиме околу 30 работници. Сега се обидуваме да најдеме нова работа за да може да опстанеме и да ги задржиме овие работници – вели Димитров.
Дополнително, поради текстилците од земјава имаат силна конкуренција од земјите од југоисточна Азија каде што производството е евтино, а платите на работниците се ниски.
– Нашиот германски партнер веќе работи во 3 фабрики во Бангкок, каде што му е далеку поевтино производството од овде. таму платите се 200 долари, а кај нас 800 евра – вели Димитров.
Според него, многу е тешко македонската текстилна индустрија во ек на три последователни кризи да најде нови земји каде што ќе извезува и затоа се повеќе сопственици се одлучуваат да ги затворат фирмите и да го вложат капиталот во нешто друго, најчесто во недвижнини во странство.