Додека Македонија низ годините мина низ бројни политички промени, смени на власт и трансформации на институциите, еден сегмент од јавниот живот остана нетакнат и недопрен од било какви промени – функционерската елита во Црвен крст на Република Северна Македонија. Овие “тотеми” на македонската хуманитарна сцена создадоа систем на доживотни мандати кои по својата должина ги надминуваат дури и оние на поранешните авторитарни лидери.
Галерија на вечни функционери
На чело на оваа листа стои самопрогласениот “доктор” без диплома Сашо Точков во Охрид, чија кариера во Црвен крст трае подолго од мандатот на повеќе претседатели на државата заедно. Заедно со него, генералниот секретар на Црвен крст на РСМ Саит Саити и други лица со слични “постигнувања” создадоа херметички затворен круг на власт кој функционира како паралелна држава во државата.
Додека политичките партии се борат за гласови, додека граѓаните гласаат за промени, додека се менуваат влади и претседатели, функционерите во Црвен крст останаа како непоколебливи столбови на својата мала империја. Нивните мандати стануваа подолги од оние на Јосип Броз Тито, што претставува современ парадокс во земја која се декларира како демократска.
Невладина организација под државна капа
Парадоксот е уште поголем кога се знае дека Црвен крст на РСМ е невладина организација која функционира под капа на државата. Од државниот буџет годишно се одвојуваат милиони евра за финансирање на оваа организација, но наместо да работи како вистинска хуманитарна институција, таа функционира како профитабилно акционерско друштво.
Црвен крст се претвори во бизнис империја која се занимава со се’ освен со хуманитарна работа. Од издавање на деловни простори, преку сместувачки капацитети, до планински ќукарки на Галичица и Велество – организацијата развила диверзификуван бизнис портфолио кој би му позавидел и неа елитна берзанската компанија.
Кога граѓаните донираат за хуманитарни цели, дали знаат дека нивните пари завршуваат во имотен бизнис? Кога државата издвојува милиони од буџетот, дали тие средства се наменети за хуманитарна помош или за проширување на бизнис империјата на вечните функционери?
Системот на самоодржување
Како е можно во 21. век, во земја која аспирира кон европски вредности, да постојат функции кои се предаваат како наследство? Како е можно организации кои се финансираат од јавни средства да функционираат како приватни феуди на одредени поединци?
Одговорот лежи во перфектно изградениот систем на самоодржување. Овие функционери создадоа мрежа на зависности, контролираат финансиските текови, управуваат со информациите и воспоставија систем каде што секоја промена се доживува како закана по нивните позиции.
Отсуство на транспарентност
Додека државните институции постепено се отвораат кон јавноста, додека се зголемуваат барањата за транспарентност и отчетност, Црвен крст останува како тврдина која се противи на секаква јавна контрола. Финансиските извештаи се скромни, активностите се неjaсни, а одлуките се донесуваат во мрак.
Каде завршуваат донациите? Како се трошат средствата наменети за хуманитарни цели? Зошто истите лица декади наназад ги контролираат сите клучни позиции? Овие прашања останаа без одговор, а секој обид за поставување прашања се третира како напад врз “светата” мисија на организацијата.
Време за промена
Македонската јавност заслужува одговори. Хуманитарните организации не смеат да бидат приватни империи на одредени поединци, а уште помалку да се претвораат во профитабилни претпријатија на грбот на хуманитарната мисија. Принципите на демократијата, транспарентноста и отчетноста мора да важат за сите, без исклучок.
До кога ќе трпиме ваква злоупотреба на довербата на граѓаните и јавните средства? Време е овие вечни функционери-тотеми да се соочат со реалноста дека ниту една позиција не е доживотна, дека секоја власт мора да биде ограничена во време, и дека јавниот интерес е поважен од личните амбиции и профити.
Црвен крст на РСМ мора да се реформира од темел. Новите генерации заслужуваат можност да придонесат кон хуманитарната работа, а граѓаните заслужуваат да знаат како се трошат нивните донации и како функционира организацијата која се претставува како глас на хуманоста во земјата.
Сашо Денесовски