Ах, драги културни работници, колку е величествено тоа што протестирате пред министерството! Не е ли прекрасно како еве стигнавме до 2025-та, а министерствата сѐ уште не знаат да пресметаат обични плати? Па зарем тоа не е магична културна перформанса сама по себе?
“КУЛТУРАТА НЕ Е ТРОШОК, ТАА Е ОСНОВА НА СЕКОЕ ОПШТЕСТВО!!!” – Извикувате со сите три извичници. Прекрасно! Тоа ќе ги убеди! Особено министерството што истовремено е и за култура и за (аван)туризам – бидејќи очигледно, кога размислуваме за Бетовен и Шекспир, веднаш потоа размислуваме за попустите на аранжманите за Охрид.
Љутков, бившиот колега, сега се вивна во височините на министерското столче. И како што тоа обично бидува, одеднаш заборави на мизеријата долу. Класичен македонски театар – кога ќе стигнеш горе, фрли ја скалата!
Сега културните работници чекаат Велигден без пари. Додека чекаат плата, луѓето можат да се занимаваат со традиционално македонско културно наследство – да се прашуваат како да преживеат до крајот на месецот.
Велигден без плата – прекрасна нова македонска традиција! Министерството веројатно ја смета ова за некаков културен перформанс, инсталација или можеби фестивал на гладот?
И нормално, сите овие откритија се случуваат и при минатата и при сегашната власт. Зашто, нели, на македонските власти им е омилена изреката “Па што ако е култура? Ќе се најаде ли некој од култура?”
А наместо барем дигитално да им стигнат парите, културните работници добиваат НАСОКИ. Само што не е јасно дали насоките се “1. Останете гладни, 2. Чекајте уште малку, 3. Повторете чекор 1.”
Така е тоа – во земја каде буџетите за културата се сметаат за екстравагантен луксуз, а не како темел на општеството, сè што добиваме се протести и министри што го заборавиле патот од каде дошле. А и зошто би се сеќавале? Тоа минатото е толку… културно… на кого му е важно?
Сашо Денесовски