БРЗА ДЕБРЕНДИЗАЦИЈА: КАКО ЕДНА ЈАВНА ОБЈАВА НАПРАВИ ПОВЕЌЕ ОД СИТЕ ИНСТИТУЦИИ ЗАЕДНО
Граѓани, имаме причина за половично славење! Првата битка во долгата војна за ослободување на Охрид од пипците на фамозниот “Охрид ТрЧаТ” е делумно добиена! Од како ја обзнанивме вистината за најновото окупирано парче јавна сопственост – охридската Пајак служба во склоп на ЈП “Билјанини Извори”, и од како објавивме фотографии и видео од оваа невидена окупација, се случи— замислете — реакција!
Да, добро прочитавте. РЕАКЦИЈА. Тоа митско суштество што во Охрид го имаа видено само најстарите жители, и тоа во време пред владеењето на современите династии. По наредба на директорот на ЈП “Билјанини Извори”, експресно е извршено “дебрендирање” на Пајак службата. Со брзина достојна за олимписки дисциплини, натписите “Охрид ТрЧаТ” исчезнаа како што исчезнуваат даночните обврски во длабоките води на Охридското Езеро.
ПАРЦИЈАЛНА СЛОБОДА: ПОБЕДА ИЛИ САМО КОЗМЕТИЧКА ПРОМЕНА?
Но граѓани и граѓанки, да не се залажуваме со козметички промени! Што ни вреди што траките со името на окупаторот се остранети, кога самите окупатори и понатаму удобно се шират низ институцијата?
Да погледнеме “случајно” создадената семејна идила во ЈП “Билјанини Извори”:
- Управителот на невладината организација “Охрид ТрЧаТ” – вработен во ЈП “Билјанини Извори” на раководна функција!
- Друг оснивач на “Охрид ТрЧаТ” – исто така вработен во истото јавно претпријатие!
- Главниот архитект на целата операција, прикриениот “вистински сопственик” Јоне Станкоски – раководител на Сектор за општествени дејности во Општина Охрид, во кој спаѓа и (иронично!) одделението за спорт и млади!
Со ваква констелација на ѕвезди, ослободувањето на траките е како да сте го избришале графитот од ѕидот, но куќата и понатаму ја користат окупаторите за своите забави.
МАГАЦИНСКА МИСТЕРИЈА ИЛИ КАКО ЈАВНИОТ ПРОСТОР СТАНА ПРИВАТНА ОСТАВА
Според нашиот храбар свиркач од ЈП “Билјанини Извори” (кој веројатно е единствениот вработен таму што не е и член на “Охрид ТрЧаТ”), “дебрендираната” Пајак служба е само врв на ледениот брег! Одговорните лица од невладината организација, кои “случајно” се вработени во јавното претпријатие, присвоиле и магацински простор во ЈП “Билјанини Извори”, каде си складирале реквизити и опрема.
И се разбира, без да плаќаат ниту денар закуп! Во времето кога обичните граѓани мора да плаќаат и за воздухот што го дишат, некои привилегирани трчачи добиваат бесплатен државен простор за својата опрема. Замислете го тој дијалог:
- “Извинете, ќе ми издадете фискална сметка?”
- “Се извинуваме, нашата каса ТРЧА на одмор!”
ДО КОГА? ПРАШАЊЕ ЗА МИЛИОН ДЕНАРИ (НЕОДАНОЧЕНИ)
Ова прашање – ДО КОГА? – е толку едноставно, а сепак толку комплексно. Ако историјата на нашите институции е некаков показател, одговорот би бил “многу подолго отколку што е разумно”.
Но граѓани, не очајувајте! Бидејќи ако една обична јавна објава со фотографии и видео успеа да направи експресно “дебрендирање”, замислете што би можеле да постигнеме со посериозен притисок? Можеби наскоро ќе видиме и како вработените во ЈП “Билјанини Извори” почнуваат да работат … замислете… за јавното претпријатие наместо за своите невладини хобија!
Засега, првата фаза од операцијата “Трчи Додека Можеш” е завршена со половичен успех. Пајак службата е визуелно ослободена, иако суштински останува заложник. Нашата следна цел? Магацинскиот простор и мистериозната врска помеѓу јавните функции и приватните спортски амбиции!
Охрид ќе биде ослободен, чекор по чекор, трчање по трчање, магацин по магацин!
П.С. Доколку набрзо видите објава дека јавното претпријатие “Билјанини Извори” бара да изнајми магацински простор по пазарни цени, ќе знаете дека и втората фаза на нашата операција е успешна!
Сашо Денесовски