5 ИНТЕРПЕЛАЦИИ ВО ЕДЕН ДЕН Помина само една, но и таа нема обврзувачки последици

Lorita
By Lorita 6 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Собранието до доцна синоќа расправаше по петте интерпелации, поднесени против четворица членови на Владата и против претседателката на собраниската Комисија за социјална политика. На првата пленарна седница по новогодишниот одмор, беше изгласана само интерпелацијата за претседателката на собраниската Комисија за социјална политика, Илире Даути, додека, пак, интерпелациите на четворицата членови на Владата, поднесени од коалицијата Европски фронт, не поминаа.

Пратениците од опозициската СДСМ на почетокот на седницата најавија дека нема да учествуваат во расправата по интерпелациите бидејќи, според нив, нема потреба од нови поделби по етничка основа.

Координаторот на пратеничката, група Оливер Спасовски, на прес-конференција во Собранието рече дека причините за интерпелациите не смееле во ниеден случај да бидат поврзани во етнички контекст, туку единствено со аргументи и факти околу работата на одреден министер или функционер.

– Македонското собрание во ниеден случај не смее да биде мета за поттикнување на какви било меѓуетнички тензии и отворање можности за поделби помеѓу граѓаните. Доколку намерите на подносителите биле вистински, причините за интерпелации не смееле во ниеден случај да бидат поврзани со етнички контекст, туку да бидат единствено со аргументи и со факти за работа на одреден министер или функционер. А за жал, аргументи и факти има колку сакате за да најдете причина за каква било интерпелација. Инцидентите и сквернавењето на македонското знаме, нарушувањето на јавниот ред и мир, како и употребата на огнено оружје; што се случија за време на одбележувањето на Денот на албанското знаме; се за секоја осуда и претставуваат директно загрозување на меѓуетничките односи, јавната безбедност, достоинството на Македонците – исто така, и друг настан којшто се случува во смисла на сквернавење други симболи – тие не одат во прилог на градење на меѓуетничките односи. Постапувањето на институциите и преземањето на сите потребни мерки за санкционирање на сторителите на овие пред сѐ непромислени и штетни дејствија не можат да бидат предмет на политичка интерпелација. Постојат закони и ако тие закони се прекршени, тогаш мора да се постапува и мора да носат одговорност – рече Спасовски.

Интерпелациите за четворицата владини функционери не беа поддржани ниту од владејачкото мнозинство.

ДУИ треба да се надмине

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ не ги поддржаа интерпелациите на четворицата членови на Владата. Ја повикаа ДУИ да се надмине, да ги тргне интерпелациите настрана, да ги поддржи мерките на Владата за подобар животен стандард на сите граѓани и да дејствува како опозиција со соодветни и конструктивни политики.

– Тоа што беше порано веќе не постои, сега сите сме еднакви пред законите. На земјава не ѝ требаат бесмислени дискусии, туку стабилнот, подобар стандард, просперитет, подобро здравство и образование. Приклучете се на промените како опозиција и делувајте со соодветно оружје. Интерпелациите нема да ги поддржиме, поддржуваме единствено политики за развој на сите, за подобро утре на сите – подвлече Љупчо Пренџов од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Од Европскиот фронт, кој ги поднесе четирите интерпелации, побараа политичка одговорност и оставка од вицепремиерот Изет Меџити, а како причини за неговата интерпелација ги наведоа случајот од 28 ноември со палењето на државното знаме, Балансерот, одлуките на Владата за бришење на дијаспората и Законот за јазиците.

За вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, рекоа дека е неспособен при менаџирањето на меѓуетничката состојба и дека наместо да биде гаранција за хармонија и стабилност, се претворил во симбол на неспособност и отсуство на волја да се почитуваат основните принципи на правото.

- Advertisement -
Ad image

Интерпелацијата за министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, ја темелеа на селективно дејствување врз етничка основа за случувањата на 28 ноември, негарантирање еднаквост и безбедност за сите граѓани, неспособност за праведност и реторика која ја продлабочува етничката поделба.

Од заменик-министерот за внатрешни работи, Астрит Исени, побараа одговорност и оставка зашто, како што рекоа, покажал неспособност да ја извршува функцијата, не успеал да ја зачува безбедноста и придонел за поттикнување на меѓуетничките тензии.

Гласањето за интерпелацијата на Даути нема правно обврзувачки последици

Интерпелацијата на претседателката на Комисијата за социјална политика, Илире Даути, во ноември ја поднесе пратеничката група на „Левица“ бидејќи, како што образложија, со нејзиното „несовесно, неодговорно, противуставно и противзаконско однесување“ го кочела Законот за бранители со тоа што не го ставила на дневен ред на Комисијата со која претседава. Даути во своето излагање оцени дека интерпелацијата за неа е неоснована.

- Advertisement -
Ad image

Од Кабинетот на претседателот на Собранието преку соопштение појаснија дека гласањето за интерпелацијата на Даути нема правно обврзувачки последици за разрешување и нема правно дејство. Именувањата и разрешувањата, велат од Кабинетот, се уредуваат со други посебни процедури, утврдени во Деловникот на Собранието, законите и во Уставот.

„Собранието на Република Македонија денеска одржа пленарна седница на која се разгледуваше интерпелацијата за работата на пратеничката Илире Даути, претседател на Комисијата за социјална политика, демографија и млади. Седницата се одржа во потполна согласност со Уставот на Република Македонија, Деловникот на Собранието и со постоечките закони. Изјавите на одредени медиуми, кои велат дека резултатот од гласањето за интерпелација наложува разрешување на г-ѓа Даути, се неточни. Нагласуваме дека гласањето за интерпелацијата е израз на пратениците, нема правно обврзувачки последици за разрешување и нема правно дејство. Именувањата и разрешувањата се уредуваат со други посебни процедури, утврдени во Деловникот на Собранието, законите и Уставот“, наведоа од Кабинетот на претседателот на Собранието.

Share This Article