Ѕвездата од серијата „Малколм во средината“, Френки Муниз, актерот кој се откажа од глумата на врвот на својата кариера, а потоа се сврте кон автомобилските трки, призна дека неговата одлука да го напушти Холивуд му го спасила животот.
– Искрено, не ми се допаѓаше Лос Анџелес. Затоа се преселив во Аризона и ја обожавам. Чувствувам дека ми го спаси животот во смисла што почнав повеќе да уживам во малите работи во животот, како што се планинарењето или одењето во продавница, бидејќи сè беше поедноставно. Не морав да се борам за паркинг место или да плаќам за паркинг – изјавил тој за Us Weekly.
Френки, кој го играше Малколм од 2000 до 2006 година, го напушти Холивуд во 2008 година за да се фокусира на кариера во авто трките.
– Бев голем обожавател на трките, но никогаш не помислив дека ќе бидам возач на трки – вели Френки.
Но, сето тоа се промени откако ја освои 29-тата трка Toyota Pro/Celebrity.
– Тоа чувство кога прв ќе ја поминеш целта беше магично и знаев дека сакам да го чувствувам тоа почесто – вели тој.
Актерот одлучил да ја промени кариерата дури и откако постигна огромен успех во хит-ситкомот, како и во комедиите како „Агент Коди Бенкс“ (Agent Cody Banks) и „Голем дебел лажго“ (Big Fat Liar).
– Сакав да бидам сигурен дека не се занимавам со трки половично. Мора да го вложиш срцето и душата во тоа. Исто така, поминав низ период кога си мислев: – Добар сум. Заработив многу пари и би можел да се пензионирам ако сакам – вели актерот.
Тој исто така се присетува дека на врвот на својата кариера имал „можеби 60 дена слободни“, од 8-мата до 21-вата година, и дека платил „голема цена“ за славата.
– Се сеќавам кога имав 13 или 14 години, кога „Малколм“ почна да се емитува, мајка ми ме будеше во 5 часот наутро и морав да дадам 10 радио интервјуа, да потпишам 50 автограми за обожавателите, а потоа одевме на снимање и работевме цел ден. Не го гледаш тоа како добро или лошо. Едноставно мора да работиш – вели Френки.
Иако работи уште од дете, тој нагласи дека не се чувствува како да го „пропуштил“ нормалното детство, но е исто така воодушевен што не морал да се снаоѓа на социјалните мрежи за време на „незгодните години на пубертетот“.
– Луѓето ме прашуваа: – Дали си тажен што нема да одиш на матурска? Не, бидејќи се забавував во Плејбој Вилата и се дружев со Аманда Бајнс и други познати личности. Правев некои прилично кул работи – додава тој.
Муниз во последните години се фокусирал на трките, но не се откажал целосно од глумата.
Имаше неколку помали улоги во ТВ емисии, а неодамна потврди дека ќе ја повтори својата улога како Малколм во новото издание на хит серијата.
Брајан Кранстон и Џејн Качмарек, кои ги играа родителите Хал и Луис, исто така ќе се вратат, а Кристофер Мастерсон и Џастин Берфилд ќе ги повторат своите улоги како браќата на Малколм, Френсис и Рис.




























