Украинскиот претседател Володимир Зеленски предложи трилатерален состанок со претседателите на Соединетите Американски Држави (САД) и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, денес, со цел да се унапредат мировните преговори, а воедно го повика Вашингтон да воведе нови санкции кон Москва.
„Подготвени сме за форматот Трамп-Путин“, рече украинскиот претседател во изјава која беше ембаргоирана до утрово.
„Ако на Путин не му се допаѓа билатерален состанок, или ако сите сакаат трилатерален состанок, тоа не ме загрижува. Подготвен сум за кој било формат“, додаде тој.
„Очекуваме санкции од САД против енергетскиот сектор и банкарскиот систем на Русија, бидејќи Москва сè уште не го прифатила предлогот за прекин на огнот“, додаде Зеленски.
Тој рече дека Русија распоредува повеќе од 50.000 војници во близина на североисточниот украински регион Суми, како подготовка за евентуална офанзива на граничната територија. Москва претходно објави дека сака да создаде „тампон зона“ за да спречи упади од Киев. „Тие моментално распоредуваат трупи во правец на Суми. Повеќе од 50.000“, рече тој.
Зеленски додаде дека Русија сака да ги протера украинските трупи од својот Курски регион, кој е преку границата, и да подготви офанзива врз Сумискиот регион.