Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, синоќа изјави дека претседателот на САД, Доналд Трамп, нема официјален план за ставање крај на војната во Украина и додаде дека е подготвен за разговори со претседателот на Русија, Владимир Путин, откако ќе се постигне разбирање за завршување на војната, пренесоа украинските медиуми.
– Се разбира, САД, претседателот Трамп и земјите од Европската Унија веруваат дека дипломатијата е невозможна без Русија, без Путин. И затоа реков: Подготвен сум ако имаме разбирање за тоа како да заврши оваа војна – им рече Зеленски на новинарите во Киев.
Кога станува збор за Трамп, Зеленски истакна дека (Трамп) сѐ уште нема официјален план и дека е сигурен дека тоа што е објавено во некои медиуми не е официјален план на претседателот на САД, објави Киев Индипендент.
Зеленски посочи дека има разбирање за насоката на планот откако разговарал за некои детали со американските претставници пред инаугурацијата на Трамп.
– Нашите тимови ќе работат заедно, не може да има план што е одвоен од никого, дури ни од САД. Да почекаме официјални преговори и официјални резултати – рече Зеленски.
Според медиумите, планот на САД ќе биде претставен на Минхенската безбедносна конференција, што ќе се одржи од 14 до 16 февруари, но пратеникот на Трамп за Украина, Кит Келог, го демантираше тоа, наведувајќи дека Трамп прв ќе го претстави планот, без да даде временска рамка.