Украинските сили вчера извршија нова серија напади во кои беа вклучени единици со големина на полк, проценува американскиот Институт за проучување на војната (ИСВ). Нападите ги изведуваат комбинирани сили, а во нив учествуваат и оклопни возила, се вели во извештајот на ИСВ.
Се вели дека Украинците ја пробиле руската одбрана и напредувале до пет километри зад руските линии југоисточно од градот Суџа.
Украинските елитни бригади започнаа нова офанзива во руската област Курск, откако во август украинската армија влезе во Курск и окупираше неколку стотици квадратни километри територија и околу 100 населени места.
Синоќа украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина „им ја врати војната дома, во Русија“.
– Мора да почувствуваат што навистина значи војна. И го чувствуваат тоа.
„Гардијан“ напиша дека рускиот претседател Владимир Путин на состанок со регионалните гувернери признал дека ситуацијата во регионот е „многу тешка“.
„Русија соопшти дека се бори со нова украинска офанзива во Курск, додека Киев понуди хуманитарен коридор за цивилите во рускиот регион што го нападна и делумно го окупираше“, се вели во написот.
На 5 февруари, рускиот претседател Владимир Путин ги пофали елитните единици на руските воено-десантни сили (ВДВ) и поморските пешадиски формации кои го бранат регионот Курск, што, според ИСВ, укажува дека украинската офанзива во регионот Курск од август 2024 година врзува еквивалент на една комбинирана руска армија.
Во меѓувреме, јужнокорејските служби тврдат дека Северна Кореја ги повлекува своите војници од регионот кои беа испратени како помош за Русија. Неофицијално, Ким Јонг-Ун му испрати на Путин 12.000 свои војници на фронтот.