Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека ја поддржува иницијативата на турскиот лидер Реџеп Таип Ердоган да се сретне со претседателот на САД и со рускиот претседател, Доналд Трамп и Владимир Путин, во Турција, јави Укринформ.
Тој на вчерашната прес-конференција во Киев рече дека без таков состанок нема да има прекин на огнот.
– Ја поддржувам средбата на ниво на лидери бидејќи имам впечаток дека нема да има прекин на огнот пред нашата средба – рече Зеленски.
Белата куќа претходно објави дека Трамп е отворен за поканата на турскиот претседател Ердоган за одржување трилатерални мировни разговори во Турција со руските и со украинските лидери.
Ердоган претходно изјави дека Турција ќе преземе чекори за организирање средба меѓу Путин и Зеленски во Анкара или во Истанбул, додавајќи дека ќе го покани и американскиот претседател на средбата.
По втората рунда преговори во Истанбул, шефот на украинската делегација – министерот за одбрана, Рустем Умеров – изјави дека Киев верува оти сите клучни прашања во преговорите за потенцијално примирје со Русија можат да се решат на ниво на лидерите на земјите и дека предлага таков состанок да се одржи до крајот на месецот.