Извршниот директор на „Џеј Пи Морган Чејс“, Џејми Дајмон, предупреди дека пазарот на државни обврзници во САД може да доживее сериозен колапс поради зголемувањето на јавниот долг.
Зборувајќи на Економскиот форум „Роналд Реган“ во Калифорнија, тој рече дека ситуацијата може да ескалира и да предизвика паника.
– Ќе видите пукнатина на пазарот на обврзници. Ви велам дека тоа ќе се случи. И сите ќе паничите. Јас нема да паничам. Ќе бидеме добро – рече Дајмон.
Тој рече и дека веќе ги предупредил регулаторите за тоа што доаѓа.
Според Дајмон, „тектонските плочи на светската економија се поместуваат“ под влијание на геополитичките тензии, трговските војни и растечкиот долг, не само во САД, туку и глобално.
– Не можам да кажам дали кризата ќе се случи за 6 месеци или 6 години, но ако не го промениме курсот, таа ќе дојде – рече тој.
Дајмон ја повика владата итно да се движи кон поодржлив пат, а регулаторите да ги олеснат правилата за банките за да можат да играат поголема улога на пазарот на обврзници.
Неговите изјави се совпаѓаат со предупредувањата на шефот на „Голдман Сакс“, Џон Валдрон, кој го нарече дефицитот на САД „загрижувачки“ и оцени дека неговото влијание врз пазарот на обврзници е „најголемиот макроекономски ризик во моментов“.
Овие предупредувања доаѓаат во време кога Конгресот на САД го разгледува новиот предлог за буџет на администрацијата на Доналд Трамп, кој се очекува дополнително да го зголеми буџетскиот дефицит.
Канцеларијата за буџет на Конгресот процени дека долгот на САД како процент од БДП наскоро ќе ги надмине нивоата од 1940-тите.
Пазарот на обврзници во САД силно расте во последните години – од околу 5 трилиони долари во 2008 година, до дури 29 трилиони долари денес.
Сепак, како што се зголемува долгот, интересот на инвеститорите се намалува. Странските инвеститори сè повеќе ги избегнуваат американските државни обврзници, посебно поради трговската политика на Доналд Трамп.
Агенцијата „Мудис“ неодамна го одзеде највисокиот кредитен рејтинг на САД – ААА.