Речиси една петтина од луѓето регрутирани од руските специјални служби за задачи во Украина се малолетници, кои биле користени за подготовка на саботажа или терористички напади, изјави за Укринформ портпаролот на Службата за безбедност на Украина (СБУ), Артем Дехтјаренко.
– Русите главно регрутираат малолетници, невработени и луѓе со разни видови зависности за своите задачи. Според нашата статистика, 22 отсто од откриените сторители се малолетни, 55 отсто се невработени, а останатите се лица со криминално досие за различни кривични дела – рече Дехтаренко.
Дехтјаренко објасни дека малолетниците се поподложни на психолошка манипулација бидејќи младите не се во можност целосно да ги проценат последиците од нивните постапки.
Портпаролот истакна дека подметнување пожари врз возила на украинските вооружени сили и саботажа на железницата се интензивирале во мај 2024 година, додека масовното регрутирање деца за организирање експлозии започнало на почетокот на 2025 година.
– Од почетокот на 2025 година, руските специјални служби уште еднаш покажаа дека немаат црвени линии и се префрлија на терористички напади со употреба на експлозиви. Тие, меѓу другото, регрутираат тинејџери за такви злосторства – рече Дехтјаренко, додавајќи дека најмладите извршители на руските наредби откриени од СБУ за време на палењето на разводни кутии биле само 13 години.
Дехтјаренко изјави дека според Службата за безбедност на Украина, само во 2025 година, СБУ и Националната полиција откриле повеќе од 50 малолетници кои, по наредба на Руската Федерација, учествувале во терористички напади, палење автомобили и други злосторства.
Портпаролот потсети на неодамнешниот случај кога Русите регрутирале двајца локални малолетници на возраст од 15 и 17 години преку Телеграм во Ивано-Франковск.
Следејќи ги руските инструкции, тие направија импровизирани експлозиви и ги маскираа во термос. Додека се упатиле кон одредена локација, руската специјална служба која од далечина ги следела нивните движења преку ГПС, активирала експлозив во нивниот пакет, убивајќи еден од нив, а на друг тинејџер му ги ампутирале нозете.
Дехтјаренко ја истакна важноста на свесноста за опасностите од таквото регрутирање:
– Доколку ви понудат „само да донесете пакет“ во трговски центар, полициска станица или друга административна зграда, треба да знаете дека ве сакаат мртви. За да избегнете да станете бомбаш-самоубиец, треба да пријавите обиди за регрутирање преку чет-ботот на СБУ.
СБУ откри седум малолетни сторители на подметнување пожар кои дејствувале по налог на Русија во северните и централните региони на Украина. Најмладиот од осомничените имал само 13 години, додека најстариот бил 16-годишен тинејџер.