Европската комисија денеска соопшти дека донела одлука од 12 октомври 2025 година да започне постепената примена на новиот Систем за влез и излез (ЕЕС) на надворешните граници на Шенген зоната.
Како што се наведува во соопштението, ЕЕС е напреден технолошки систем кој дигитално ќе ги евидентира влезовите и излезите на државјани на трети земји, вклучително и македонски граѓани, кои патуваат на краток престој во некоја од 29-те држави од Шенген зоната.
ЕЕС ги регистрира биометриските податоци, како што се отпечатоци од прсти и фотографија од лицето и други информации за неговото патувањето, со што постепено ќе се заменува сегашниот систем на удирање печат во пасошите.
Според ЕК, ЕЕС системот ќе придонесе за модернизација и подобро управувањето со надворешните граници на ЕУ, ќе обезбеди сигурни податоци за граничните контроли, систематски ќе укажува лица кои го пречекориле дозволениот престој во земјите од Шенген зоната и ќе овозможи откривање на случаи на измами со документи и идентитет.
– ЕЕС на тој начин ќе придонесе за спречување на нерегуларната миграција и заштита на безбедноста на европските граѓани. Дополнително, со зголемената употреба на автоматизираните гранични проверки, патувањето ќе стане полесно и побезбедно за сите. Новиот систем ги исполнува највисоките стандарди за заштита на податоците и приватноста, осигурувајќи дека личните податоци на патниците остануваат заштитени и безбедни, се додава во соопштението.
Од 12 октомври земјите членки ќе започнат со постепено воведување на ЕЕС во наредните шест месеци, период во која граничните власти прогресивно ќе ги зголемуваат бројот на регистрирани податоци на државјаните на трети земји што ги преминуваат границите на Шенген зоната. По истекот на овие шест месеци, во април 2026 година, ЕЕС системот ќе функционира целосно и ќе бидат регистрирани сите преминување на кој било граничен премини.
Целта на постепеното воведување на EEС е да им се овозможи на граничните власти, транспортерите и засегнатите патници да се прилагодат на новите процедури.
– Со лансирањето на EEС во октомври, ЕУ презема значаен чекор кон постигнување на својата цел за создавање побезбеден и поефикасен систем за управување со границите, посочува ЕК.
ЕЕС системот е дел од пакетот „Паметни граници“, кој има за цел да го подобри управувањето со надворешните граници на ЕУ со користење на најсовремена технологија и иновативни решенија. Пакетот ги вклучува EEС, Европскиот систем за информации и авторизација на патувањата (ЕТИАС) и Системите за автоматска гранична контрола (АБЦ).
– Заедно, овие системи ќе овозможат поефикасно, побезбедно и поудобно искуство за сите патници при патување до и од ЕУ, додава ЕК во соопштението.