Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека Русија нема да се покори на никакви ултиматуми од Европската унија, коментирајќи ги новите санкции на ЕУ против Москва.
– Русија никогаш нема да се покори на никакви ултиматуми. Јасно е дека Европа сака да ја вооружи Украина за да ја продолжи војната – рече Захарова.
Во своето обраќање, таа се осврна и на вчерашниот телефонски разговор помеѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп, при што било истакнато дека Москва е подготвена на соработка со Украина околу подготовка на меморандум кој би претставувал основа за идниот мировен договор.
– Украина мора да одлучи дали сака да учествува во разговорите за меморандумот кој ќе претходи на евентуалниот мировен договор, предложен од Москва – изјави Захарова.
Таа додаде дека европските сојузници на Украина се обиделе да го спречат директниот дијалог помеѓу Москва и Киев, но според неа, тие не успеале во тоа.
– Се надеваме дека Украина ќе заземе конструктивен став за предложените преговори – поради сопственото самоодржување. Сега, топката е во дворот на Киев – порача портпаролката на руското МНР.