Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека Полска очекува загуби од повеќе од 2,1 милијарди долари поради новиот договор меѓу САД и ЕУ за царини на извозот на европски стоки, но дека лош договор е подобар од бесмислена царинска војна меѓу сојузниците.
„Царините на САД се половина од оние што ги предложи претседателот Трамп во април, но нема причина за радост. Полска би можела да изгуби околу осум милијарди злоти, а се закануваше загуба од 15 милијарди. Загубите ќе бидат болни од двете страни на Атлантикот, но лошиот трговски договор е подобар од бесмислена царинска војна меѓу сојузниците“, изјави полскиот премиер денес на мрежата X.
Чешкиот премиер Петр Фијала изјави дека воведувањето царини на извозот во САД, дури и оние првично најавени на 30 проценти, ќе го забави растот на чешката економија само за неколку десетини од процентот.
Со царини од 15 проценти, прогнозите на економистите се движат од 0,1 до 0,8 проценти понизок економски раст.
Анализата на „Квантик фајненшл солушнс“, во која беа вклучени 9.000 чешки компании, покажа дека чешката автомобилска и хемиска индустрија се изложени на зголемен ризик од загуби поради царини, додека машинското инженерство, градежништвото и производството на стоки за широка потрошувачка издржуваат царини до 25 проценти без поголеми шокови.
Ризикот за Чешка е првенствено индиректен, преку производство на делови за Германија и други земји од ЕУ, кои потоа извезуваат готови производи во САД.
„Многу извозници нема да сакаат да го префрлат целиот товар на царините на американскиот потрошувач за да ја одржат конкурентноста и ќе земат дел од својата маржа. Се очекува притисок врз подизведувачите. Очекувам дека Германците првенствено ќе извршат притисок врз чешките подизведувачи да ги намалат цените за да можат да намалат дел од своите трошоци“, рече чешкиот економист Штепан Кшечек.
Чешкиот министер за индустрија и трговија Лукаш Влчек и министерот за земјоделство Марек Виборни оценија дека ЕУ го постигнала максимумот што е можен во овој момент, иако нема причина за радост.
„Сепак, добро е што договорот стави крај на хаосот и неизвесноста околу тоа кои правила ќе важат во трговијата со САД“, изјави Виборни за чешката новинска агенција ЧТК.