За една недела (по 17 јуни) ќе продолжи постапката за смена на државниот обвинител Љупчо Коцевски. За една недела треба да биде подигнато и обвинението за трагедијата во Кочани, а по ова ќе продолжи и постапката за разрешување на Коцевски.
Владата, по почетокот на истрагата на обвинителството за пожарот во кочанската дискотека, ја запре постапката за разрешување на Коцевски почната во февруари, за да овозможи непречено да се работи на случајот.
Премиерот Христијан Мицкоски на крајот на март кога почна истрагата за пожарот во Кочани појасни зошто е запрена постапката.
-Во овој момент, имајќи ја предвид чувствителната ситуација во општеството, планираме таа постапка да ја прекинеме таму каде што се наоѓа, затоа што цениме дека обвинителите кои што работат на случајот во Кочани, треба да работат и да сработат, да им дадеме шанса да сработат. Јас кога кажав дека сме задоволни, впрочем можев да видам дека постои една заедничка акција и работа меѓу МВР и Јавното обвинителство што резултираше со 34 обезбедени лица коишто имаат и најмал сомнеж за поврзаност со овој случај – рече Мицкоски.
На 18 февруари, Министерството за правда на владината седница го достави мислењето за работата на државниот обвинител Љупчо Коцевски, во кое бил нотиран нарушен углед на институцијата со која раководи јавниот обвинител, спротивно на член 4 став 1 од Законот за Јавно обвинителство. Согласно вака утврденото мислење, Владата го задолжи Министерството за правда да достави предлог за разрешување на јавниот обвинител Љупчо Коцевски. Откако ќе го добие Владата треба да го достави предлогот до Советот на јавните обвинители од каде, согласно законските одредби, потребно е да се добие мислење. Советот требаше за 15, а најдоцна за 30 дена да врати мислење до Владата, дали се согласува или не со ваквиот предлог.