Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, остро реагираше на настапот на опозициските партии пред Европскиот парламент во Стразбур, оценувајќи дека претставниците на пет српски опозициски партии покажале „недостаток на морален кредибилитет“.
Дел од претставниците на опозицијата денеска разговараа со членовите на Европскиот парламент за актуелната политичка ситуација во Србија и побараа воведување санкции против претседателот Вучиќ и други високи владини функционери.
Вучиќ, во гостување на Прва телевизија, изјави дека опозицијата отишла предалеку и дека нивното барање за воведување санкции против носителите на власта всушност е насочено против државата и народот. Тој додаде дека на претставниците на опозицијата им недостасува план, програма и идеи.
– Веројатно погрешив што ги нареков европратениците на Европската зелена партија „олош“, откако присуствуваа на студентскиот протест во Нови Сад, но потоа мислам многу полошо за нив. Да бидам сосема искрен, мислам многу полошо за нив. Но, дали грешев што ги нареков така, веројатно грешев, претседателот на државата не треба да го користи тој збор во јавниот дискурс – рече Вучиќ.
Претседателот додаде дека овој настан покажува дека опозицијата нема конкретен политички план и дека нејзините активности се насочени кон дестабилизација на државата, а не кон конструктивни решенија за проблемите на граѓаните.