Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, смета дека Македонија не треба да остане меѓу ретките држави кои сè уште користат советска симболика на својот државен грб, заедно со Белорусија, Таџикистан и со Ангола.
Според него, отворањето на дебатата за измена на грбот не е поврзано со економската криза или со претстојните локални избори.
– Оваа иницијатива нема врска со изборите. Доколку зборуваме за современи државни обележја, засновани на хералдички принципи, тогаш Македонија навистина треба да изгради грб што ќе ја одразува нејзината историја и определби. Нашата земја има богато историско наследство, кое може да ги поврзе АСНОМ, илинденскиот период и други значајни моменти, а сето тоа да биде претставено преку еден современ државен грб. Таков симбол би ја позиционирал Македонија како дел од европските држави – изјави Милошоски, коментирајќи ја дебатата за промената на државниот грб.
Тој нагласи дека ова прашање не треба да се гледа како средство за дефокусирање на јавноста, туку како можност за креирање обележје што подобро ќе ја претставува земјата на меѓународно ниво.