Вработените во Инспекторатот за употреба на јазиците денеска на прес-конференција информираа дека пет месеци немаат добиено плата и немаат здравствено и пензиско осигурување. Тие бараат средба со премиерот, министрите за финансии и за правда, како и со претседателот на Собранието, со цел да се реши ова прашање.
Во Инспекторатот за употреба на јазиците има вкупно 17 вработени.
– Ние сме луѓе кои секојдневно работат, даваат резултати и го движат системот напред. Нашите барања се јасни и легитимни. Итно исплаќање на заостанатите плати, повторно активирање на здравственото и пензиското осигурување, обезбедување на трајно и одржливо решение за да не се повтори оваа состојба, како и нормално функционирање на Инспекторатот. Ние половина година не сме добиле надомест за нашата работа. Освен тоа, оставени сме и без здравствено и пензиско осигурување, што дополнително ја загрозува нашата безбедност и безбедност на нашите семејства. Оваа состојба нѐ доведува во ситуација на социјална несигурност, егзистенцијална борба и апсолутно понижување и трудот и достоинството на работникот – изјави Фитим Рамадани, виш инспектор, вработен во овој Инспекторат.
Тој нагласи дека оваа борба нема политички мотиви, а следен чекор може да биде протест на вработените.