Додека обичните охриѓани се давеа во проблеми со неизградениот пливачки базен, една екипа “спасители” од висок профил одлучи да нурне длабоко – право во градскиот буџет.
Јоне Станкоски, човекот кој со една нога гази по ходниците на Општина Охрид како раководител на секторот за општествени дејности, а со другата по стазите на “Охрид ТрчаТ”, очигледно решил дека не е доволно да се трча по копно кога може да се “плива” во пари.
И така, како од вода изникна здружението за промоција и развој на водените спортови “ФЕСТИВАЛ НА ВОДЕНИ СПОРТОВИ Охрид” – организација која со метеорска брзина успеа да инкасира 3.349.250 денари од буџетот на градот за само десет дена фестивал! А за изненадување на сите финансиски стручњаци, оваа сума до последен денар се претворила во расход. Совршен баланс што би го натерал и Архимедовиот закон да го преиспита своето постоење!
Во време кога одбележуваме цела деценија од прашината која се собира во дупката наречена “Затворен пливачки базен” (за кој потонаа 5 милиони евра), иронијата е дека единствениот “воден спорт” што навистина цвета во Охрид е умешноста на префрлање на јавни средства од градскиот буџет во сметки на невладини организации.
Особено импресивна била намерата на Станкоски да го “приватизира” и престижниот Охридски пливачки маратон, спортска манифестација со светско реноме. За среќа, градоначалникот извршил редок чин на здраво размислување и ставил “вето” на овој чуден трансфер. Но тоа не го спречило Станкоски да шета по медиуми, и домашни и странски, претставувајќи го маратонот како дел од неговиот фестивал. Човекот, очигледно, ја совладал вештината на “синхронизирано пливање” во мутни води.
За чудење е како при толку “активности”, ниту Управата за јавни приходи, ниту Финансиската полиција не забележале ништо сомнително. Можеби им пречи хлорот во очите? Или можеби и тие практикуваат некој воден спорт, наречен “гледање низ вода”?
Ах, да не заборавиме – идејата на организираната група предводена од Станкоски не е само да се богати од водени спортови, туку да создаде комплетен спортски империум – од трчање до пливање. Останува само да основаат и “Здружение за промоција на воздушни спортови”, па така да ги покријат сите елементи – земја, вода и воздух. А за огнот ќе се погрижат оние кои конечно ќе решат да ги истражат овие државни “гејзири” на буџетски пари.
Во меѓувреме, обичните охриѓани можат само да седат покрај езерото и да се прашуваат како за некои водата е мокра, а за други – златна.
Прилог Звржна сметка ,извор централен регистар на РСМ ,и текова состојба (За да им помогнеме на надлежните органи)
Сашо Денеовски – Лично