Директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов во гостувањето на „Наткаст“ на Курир истакна дека големи суми се вртат по затворите, не само во однос на мобилните телефони до кои доѓаат притворените или осудени лица.
– Кога дојдов на позицијата ми беше кажано дека грам хероин или кокаин е поевтин отколку на улица да купите. Како зависник поедноставно ќе имате дилер кој ќе ви набавува дрога отколку на улица. Наследивме исклучително корумпиран систем. Сега сме доведени во ситуација со истите вработени да го оправаме. Има добар процент на луѓе кои се чесни и си ја сакаат работата, но и на нив им е тешко затоа што се борат против оние кои формално правно треба да бидат од нивна страна, а се од другата страна – истакнува Пандов.
Директорот очекува дека во кратко идно време ќе има повисока бројка на нововработени, посочувајќи дека во моментов недостасуваат над 200 затворски полицајци во затворите.