Во страшниот семеен инцидент што ја потресе Битола, 26-годишна девојка вчера со нож ги нападнала своите баба и дедо во семејниот дом на улицата Солунска, споделија детали од Основното јавно обвинителство и од МВР.
Според првичните сознанија на обвинителството, внуката се обидела да ги лиши од живот двата постари членови на семејството, нанесувајќи им повеќе убоди со остар предмет.
Бабата (70) и дедото (78) веднаш биле пренесени и хоспитализирани во Клиничката болница во Битола, каде, според лекарски извори, им била укажана соодветна медицинска помош и се наоѓаат надвор од животна опасност.
Напаѓачката, 40 минути по нападот била пронајдена и приведена во полициската станица во Битола. Потоа 26-годишната девојка била префрлена во Психијатриската болница во Демир Хисар, каде ќе продолжи да се следи нејзината здравствена состојба.
„По овластување на јавен обвинител, веднаш беа ангажирани екипи на Министерството за внатрешни работи кои извршија увид на самото место. Се работи на прибирање на сите релевантни докази и податоци во врска со случајот. Осомничената е приведена и постапката е во тек“, информираа од Основното јавно обвинителство Битола.
Од МВР информираат дека по целосно документирање на настанот против осомничената ќе биде поднесена соодветна кривична пријава за кривично дело – обид за убиство.