Топ Вести - Слушај сега
Во периодот меѓу 18 и 22 часот по грчко време, како и во изминатите денови така и денеска, граничниот премин Богородица-Евзони меѓу Грција и Македонија, повторно ќе биде затворен за сообраќај, поради блокадите на грчките земјоделци, јави дописничката на МИА од Атина.
На грчката страна од границата, веќе 19 дена се паркирани над 300 трактори на земјоделците од областа Пеонија и од градот Јаница, а блокадите се секојдневни, но во последните денови само во попладневните часови.
За време на четиричасовната блокада во прекин ќе биде сообраќајот за сите возила, и за патнички и за товарни, а исклучок се итни случаи.
Според грчката новинска агенција АНА-МПА, сообраќајот четири часа ќе биде во прекин, односно од 19 до 23 часот по локално време и на преминот Ники (Меџитлија) за товарните возила.
За автомобилите блокадата ќе трае два часа од 20 до 22 часот, исто така по локално време.
Блокади има и на другите гранични премини, на Промахонас и Ексохи кон Бугарија и Кипи кон Турција, но само за камиони.
Како што вчера објави МИА, земјоделците на одржаниот состанок со учество на претставници на над 50 блока од цела Грција, одлучија продолжување на активности, но и заострување во следните денови, а паралелно уште еднаш го одбија повикот од Владата за дијалог.
Попладнево планираат на неколку часа да ги затворат и споредните улици кај Лариса во централна Грција, каде што веќе 20 дена е затворен автопатот Солун-Атина.
Кај Солун, на истиот автопат, досега беше поставена блокада само во правец кон Атина, а од денеска во следните пет дена затворен ќе биде делот и кон Солун.
Пораката на грчките земјоделци е дека не сакаат блокадите да бидат пречки за патувањата на граѓаните за божиќните празници, а во вторник ќе одржат нов состанок за да донесат одлуки за Божиќ.
Протестите на земјоделците започнаа на 30 ноември со поставени над 60 блокади низ цела Грција.
Грчките земјоделци бараат итна исплата на сите долгови што им ги должи државата; гарантирани минимални цени кои ќе ги покриваат трошоците за производство; намалување на трошоците за производство; надомест на изгубениот приход за 2025 година за сите производи чии цени паднале под трошоците за производство; запирање на масовните увози и лажно прикажување како домашни на странските земјоделски производи; итно двојно зголемување на земјоделските пензии.
Дополнително, за скандалот со ОПЕКЕПЕ, односно скандалот со европските земјоделски субвенции, бараат да се вратат и распределат украдените средства на вистинските корисници, земјоделците да не ги плаќаат казните, но и да се утврди политичка и кривична одговорност и јавно да се објават имињата.
Министерот за земјоделство на Грција Костас Циарас во понеделникот ги повика грчките земјоделците на дијалог и ја остави отворена можноста за нови мерки за поддршка, но одговорот од земјоделците останува негативен на поканата за средба.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
