Во оригиналната серија за Хари Потер на ХБО, улогите на Хари Потер, Хермиона Грејнџер и Рон Весли им беа доверени на млади актерски надежи – Доминик Меклафлин, Арабела Стентон и Аластер Стаут.
Франческа Гардинер (шоуранер и извршна продуцентка) и Марк Мајлод (режисер на повеќе епизоди и извршен продуцент) порачуваат: „По обемната потрага предводена од директорките за кастинг Луси Беван и Емили Брокман, со големо возбудување објавуваме дека ги пронајдовме нашите Хари, Хермиона и Рон. Талентите на овие тројца исклучителни млади актери се навистина волшебни и едвај чекаме публиката ширум светот да ја доживее нивната магија на екранот. Им благодариме на десетиците илјади деца кои учествуваа на аудициите – беше вистинско задоволство да се открие колку многу млади таленти постојат.“
Серијата верно ќе го следи дејствието на омилените книги за Хари Потер, чиј авторка и извршна продуцентка е Џ. К. Роулинг. Секоја сезона од серијата ќе ја донесе оваа магична приказна до новата и постоечката публика, ексклузивно на стриминг сервисот ХБО Макс – вклучувајќи ги и пазарите кои допрва очекуваат лансирање, како што се Германија, Италија и Велика Британија. Оригиналните филмски класици ќе останат достапни за гледање низ целиот свет.
Сценаристка и извршна продуцентка на серијата е Франческа Гардинер, додека Марк Мајлод ќе режира повеќе епизоди, а ќе биде и извршен продуцент.
Продукцијата ќе почне ова лето, а премиерата ќе биде во 2026 година.