Во јуни годинава ќе биде распишан тендер за избор на универзален снабдувач со електрична енергија, информираше претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, Марко Бислимовски. Како што посочи тој, иако тендерот е отворен, досега речиси секогаш се пријавувал државниот производител ЕСМ, кој нуди цена далеку под пазарната.
– Од најавите кои ги слушам, најверојатно ќе се оди со истата цена од 62 евра за мегават-час – изјави Бислимовски во гостување во емисијата Топ Тема на ТВ Телма.
Тој потсети дека од пред година и половина, цените за пренос и дистрибуција ќе се определуваат во ноември и декември, по што ќе се одредува и крајната цена на универзалниот снабдувач.
Во однос на тоа дали ќе има промени во цената на електричната енергија за граѓаните, Бислимовски оцени дека не се очекува поскапување.
– Јас не очекувам дека ќе има промена на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи – истакна тој.
Според него, фактор кој влијае на производната цена на ЕСМ е зголемениот увоз на јаглен, кој е присутен во последните неколку години.