Неусвојувањето на Годишниот извештај за работата на Судскиот совет го отвори прашањето Собранието да ги разрешува оние 5 члена на Советот кои се избирани од пратениците, но законските измени што ќе го овозможат тоа ќе ги донесеме внимателно и во широки консултации, за да не се прекршат одредби од Уставот и од Деловникот, информираше претседателот на Собранието Африм Гаши на денешниот редовен брифинг.
Тој рече дека се во консултации со Министерствто за правда, со Уставниот суд и со сите релевантни институции во врска со ова конкретно прашање, како и со прашањата за целокупната реформа на правосудството.
– Јас од моја гледна точка не можам да кажам, затоа што не сум релевантен да одговорам дали во овој момент Собранието има ингеренции да разрешува членови на Судскиот совет. Ни треба стручен и содржаен одговор и затоа се консултираме со експерти. Би било добро да има добра, квалитетна реформа во правосудството и конечно граѓаните да бидат среќни и да веруваат во тој правен систем – рече Гаши.
На прашањето дали оваа конкретна законска измена, со која ќе се овозможи Собранието да ги разреши членовите на Судскиот совет што тоа ги избрало, мора да го чека целиот пакет со закони за реформи на правосудството, Гаши одговори дека нема да го чекаат целиот пакет закони.
– Принцип во правото е дека оној кој го составува еден орган, тој и го разрешува. Не значи дека треба да го чекаме целиот реформски пакет, но, како што реков, за смена на членовите сакаме да бидеме внимателни, точни и коректни со Уставот и законите. Сакаме да не губиме време да влегуваме в процеси, па подоцна тие да се прогласат за неуставни. Уставниот суд брифирал дека Собранието не смее да разрешува членови на Судскиот совет, а тоа значи дека има правни дилеми и затоа сме претпазливи. Се консултираме и сакаме да дојдеме до најдоброто решение, а тоа може да трае со денови – рече Гаши на брифингот.
Тој додаде и дека нема информации дека во моментот некоја пратеничка група подготвува измени на Законот за судскиот совет.
– Во предизборната кампања клучно ветување ни беше реформата во правосудството и сакаме ова да го направиме сериозно, консензуално, долгорочно и ако треба, да го смениме и Уставот. Мора јасно да ги детектираме проблемите и да ги решиме, за да не ги решаваме во од, така како што се појавуваат. Затоа треба да се дијагностицираат, па да прејдеме на терапија, оти превентивата одамна не ни врши работа – рече Гаши.
Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, неодамна рече дека Собранието не може да разрешува членови на ова тело.
– Единствено место каде е предвиден начин или постапка за разрешување на член на Судски совет е во Законот за Судскиот совет. На друго место јас не сум сретнал по законите дека постои таква можност – да бидат разрешени во некоја друга постапка. Значи, разрешувањето се одвива во Судскиот совет – рече Камбовски.
Премиерот Христијан Мицкоски, прашан за коментар за ваквиот став, вчера рече дека оној што бира, тој и отповикува.
– Нелогично е тој што ги бира членовите на Судскиот совет да не може да ги отповика, посебно во услови кога не им го прифаќа извештајот за работењето – рече премиерот Мицкоски.
Тој додаде дека ги разгледуваат сите законски можности и дека како Влада нема да прават ништо што е спротивно на Уставот и на законите.
– Ако само критикуваме, а ништо не преземаме, тогаш сме ја изневериле довербата од граѓаните – додаде тој.
Советот е составен од 15 члена, од кои 13 се со право на глас, а по функција членуваат претседателот на Врховниот суд и министерот за правда. Од тие 13 со право наглас, 8 члена се судии кои се избираат на директни судски избори и за нив гласаат судиите. Тројца тројца членови на Советот ги избира Собранието, а двајца членови ги предлага претседателот на државата, а изборот го врши Собранието. Овие пет члена се предлагаат од редовите на, како што е наведено во законот, истакнати правници.
Мандатот на избраните членови трае шест години со право на уште еден избор.