Од следната година ќе започне казнување за сообраќајни прекршоци врз основа на снимките од камерите поставени низ скопските улици, соопшти премиерот Христијан Мицкоски. Тој истакна дека Владата интензивно работи на проектот, кој има за цел да ја зголеми безбедноста во сообраќајот.
– Догодина системот комплетно ќе биде ставен во функција и сметам дека тоа ќе придонесе за поголема безбедност и помалку сообраќајни несреќи на улиците. Се размислува во првите шест месеци да се делува едукативно и информативно, а потоа да се почне со ригорозно казнување. Секој што ќе направи прекршок ќе биде казнет, а средствата за казната веднаш ќе му бидат одземени од сметката – изјави Мицкоски на денешниот брифинг со новинарите во Клубот на пратениците во Скопје.
Според податоците на Министерството за внатрешни работи (МВР), годишно во Скопје се евидентираат околу 22.000 сообраќајни прекршоци.
На прашањето зошто на улиците нема доволно сообраќајна полиција која ќе спречи дивеење, како што е брзо возење или паркирање во трета лента, премиерот одговори дека ситуацијата ќе се промени.
– Ако има полиција, тогаш велите дека сме полициска држава. Ако ја нема, прашувате зошто ја нема. Но, еве, сега постојано ќе има полиција, затоа што мора да се стави крај на ваквите ситуации – истакна Мицкоски.