Владата најави поддршка за сите кои ќе сакаат да се вработат

Lorita
By Lorita 10 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Владата преку мерки за вработување планира годинава да го намали бројот на млади и други невработени лица и да легализира бизниси на лица кои се пријавуваат како невработени. Притоа планира да потроши 40 милиони евра за вработување на 16.057 лица.

Ова е предвидено во Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на труд за 2025 година.

Преку овие мерки се овозможува директна помош за бизниси на млади и млади брачни парови, но и обука на возачи и вработување 400 пожарникари и 600 невработени лица кои ќе бидат ангажирани за јавни работи и општински проекти од инфраструктура и заштита на животната средина на локално ниво.

Во фокус младите до 29 години

720 невработени млади, помлади од 29 години, со минимум основно образование кои ќе основаат сопствен бизнис ќе добијат до 10.000 евра (615.000 денари) неповратна помош од државата и дополнително 50 евра за регистрација на бизнисот.

Право на добивање ваква помош имаат невработени на возраст до 29 години, потоа невработени лица со попреченост, жени жртви на родово насилство припадници на ромската заедница, како и повратници. Сите треба да се помлади од 29 години.

Владата планира да помогне и 610 невработени постари од 29 години кои исто така ќе отворат сопствен бизнис. Тие ќе добиваат грант од 7.000 евра и 50 евра за регистрација на бизнисот.

Доколку основач на бизнисот е лице со попреченост и вработи дополнителен број невработени во својот бизнис на возраст до 29 години, ќе добие и дополнителна помош од државата од 250.000 денари, а ако вработените се постари од 29 години помошта ќе изнесува 220.000 денари.

Право да добијат ваква помош имаат невработени лица постари од 29 години, за мажи до 60 години, за жени до 58 години, потоа невработени лица со попреченост, жени жртви на родово насилство припадници на ромската заедница како и повратници. Овие мерки важат и за лица кои сакаат да го формализираат својот бизнис а се пријавуваат како невработени.

Државата очекува овие бизниси успешно да работат, а сопствениците и вработените да добијат статус на вработени на неопределено време, но ако корисникот на мерката во рок од 2 години го затвори бизнисот ќе треба да врати 60 или 80% од поддршката.

- Advertisement -
Ad image

Државата нема да финансира бизниси со земјоделска дејност, такси превоз, производство на оружје или бизниси за игри на среќа, како и приватни агенции за вработување. Исклучок се лицата со попреченост, кои можат да формираат бизниси од земјоделска дејност или да се занимаваат со такси превоз и невработени жени од рурални средини кои можат да отворат бизнис до земјоделска дејност.

Ќе се поттикнуваат и млади брачни двојки да отворат сопствен бизнис

Преку мерката за поддршка за самовработување (претприемаштво) – здружување на корисници во друштво со ограничена одговорност, се планира да се вработат 400 лица со минимум основно образование. Од нив 220 ќе бидат невработени помлади од 29 години.

Брачни партнери кои се невработени и се помлади од 29 години и ќе отворат друштво со ограничена одговорност ќе добијат 20.000 евра, додека 14.000 евра ќе добие бизнис во кој се опфатени брачни партнери постари од 29 години. И овие невработени ќе добијат по 50 евра за регистрација на бизнисот.

- Advertisement -
Ad image

Корисници на оваа финансиска поддршка се невработени лица, мажи и жени, жртви на родово насилство, на семејно насилство, невработени Роми.

Прифатливи се и бизнис-планови од жени од рурални средини што ќе отворат бизнис од земјоделска дејност.

И оваа мерка можат да ја користат сопственици на бизниси кои не се формализирани, а кои се пријавуваат како невработени.

Правниот субјект се регистрира како ДОО – Друштво со ограничена одговорност од две лица и секој ќе има 50% удел во него.

Ако престане со работа пред истекот од две години од основањето, ќе мора да врати 60 или 80% од грантот. Дополнително корисниците нема да можат да се вратат на списокот на невработени во АВРМ.

И бизнисите кои ќе вработуваат ќе се офајдат

Со мерките за вработување се опфатени и бизниси кои ќе креираат работни места. На ваков начин е планирано да се вработат 1.570 невработени лица од евидентираните во АВРСМ, и тоа лица до 29 години, но и над 29 години, корисници на помош и Роми.

Поддршката за вработување ќе се движи од 13.000 евра до 20.300 евра во зависност од бројот на одобрени вработувања.

Висината на грантот за вработување на едно лице до 29 години достигнува 4.000 евра.

За корисници на помош, Роми, лица со попреченост и за долгорочно невработени лица, висината на грантот е 220.000 денари (3.577 евра), додека за невработени лица постари од 29 години висината на грантот достигнува 160.000 денари (2.600 евра).

Корисници на грантот се микро, мали и средни претпријатија и граѓански организации што планираат нови работни места.

Работодавецот што вработува невработено лице од оваа програма мора да го задржи нововработените лице 15 месеци за млади до 29 години, или 12 месеци за постари од 29 години. Исто така не смее да го намали вкупниот број на вработени на неопределено време што го имал на денот на аплицирање, но ниту бројот на лицата опфатени со мерката. Во случај на смрт или пензија има рок од 30 дена да вработи ново лице.

Посебна мерка е планирана за поддршка на вработување на лица со попреченост со попреченост. Со неа се планира вработување на 150 лица.

Со оваа мерка бизнисите кои ќе вработат лица со попреченост ќе добијат средства во износ од 20 просечни нето-плати, за слепо лице 40 плати, додека за адаптација на работно место се доделуваат 100.000 денари. За набавка на опрема се доделуваат 200 просечни плати исплатени во Македонија.

Работодавецот што ќе вработи лица со попреченост е должен да обезбеди соодветни услови за работа, не смее да го намали вкупниот број на вработени во рок од три години од вработувањето лице со попреченост, должен е редовно да исплаќа плата, а вработените лица да работат во согласност со договореното.

Обуки во компании

Во планот за вработување предвидени се и обуки на невработени.

254 невработени лица ќе можат да се обучуваат кај конкретен работодавач. Овие лица ќе добиваат месечен надомест од 12.000 денари со осигурување до три месеци додека трае обуката од страна на агенцијата, додека работодавецот ќе добие вкупно 25.000 денари по обучено лице.

Се планираат и обуки за барани занимања со кои ќе се опфатат 600 невработени лица, и за нив се планираат 12.000 денари месечно и осигурување, додека обучувачите ќе добијат 30.000 денари по обучено лице.

Предвидена е и мерка обуки за возачи за Ц, Ц+Е и Д-категорија, за вкупно 200 невработени лица, кои ќе се реализираат во лиценцирани автошколи.

Главен критериум за овој вид обука да се исполнети законските услови за полагање на овие возачки категории. Кандидатот по завршувањето на обуката има рок од 4 месеци да го полага возачкиот испит.

Обука за стекнување основни вештини како изучување странски јазици со која се планира опфат на 320 лица, како и обука за компјутери каде што ќе бидат опфатени 400 лица, но и обуки за претприемаштво, бизнис-планирање со која ќе бидат опфатени 500 невработени лица.

350 невработени ќе можат да користат обука за напредни ИТ вештини. Овие обуки за наменети за невработени кои се помлади од 40 години.

Вкупно 1352 невработени лица помлади од 29 години ќе можат да ја користат мерката практикантство за која се определуваат по 12.000 денари по невработен. Тие треба да имаат најмалку средно образование. Компанијата која ќе се пријави за оваа мерка треба да има најмалку едно вработено лице на неопределено време.

400 пожарникари за општините

600 лица ќе бидат ангажирани и преку мерката јавна работа во локалните самоуправи, за што се издвојуваат по 800 денари по ангажман.

Владата планира да вработи и 400 невработени како пожарникари со плата од 24.000 денари.

Планиран е и ангажман на невработени во општокорисна работа со поддршка од 28.000 денари. Времетраењето на ова вработување е 18 месеци, а средствата за 6 месеци ангажман ги покрива владата, остатокот општината која ги ангажира.

И во оваа програма останува исплатата на младинскиот додаток за младите до 23 години, а е планирано и вработување преку зелени вложувања. На ваков начин ќе се вработат 200 лица.

Share This Article