Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, и помошникот на претседателот на Русија, Јуриј Ушаков, утре ќе се сретнат со американски претставници во Ријад.
Оваа информација ја потврди портпаролот на Владимир Путин, Дмитриј Песков, кој изјави дека Лавров и Ушаков денеска ќе отпатуваат за Ријад по инструкции на Путин.
– Се очекува во вторник, во Ријад, да одржат состанок со американските колеги, состанок кој пред сè ќе биде посветен на обновување на целиот спектар на руско-американските односи – рече Песков.
Специјалниот американски пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф, синоќа потврди дека патува во Саудиска Арабија на првите директни преговори меѓу САД и Русија за завршување на конфликтот во Украина.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека Виткоф веќе се сретнал со Путин на „многу долг разговор кој траел околу 3 часа. Виткоф, милијардер и инвеститор во недвижности, кој е близок пријател на Трамп, неодамна престојувал во Москва за да обезбеди ослободување на американскиот учител, затворен поради поседување марихуана.
Се очекува и државниот секретар на САД, Марко Рубио, да се сретне со руските претставници во Саудиска Арабија. На состанокот ќе присуствуваат и советникот за национална безбедност на претседателот Трамп, Мајк Волц, како и Виткоф.