Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека нападите на САД врз таканаречените наркотерористи не бараат објавување војна и најави дека неодамнешната серија бомбардирања на бродови во Карибите и Тихиот Океан ќе биде проследена со напади на копно. Тој нагласи дека Конгресот ќе биде информиран за операциите, јавуваат странските агенции.
„Па, не мислам дека нужно ќе бараме објавување војна“, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа.
„Мислам дека само ќе ги убиеме луѓето што внесуваат дрога во нашата земја. Во ред? Ќе ги убиеме“, рече Трамп.
„Сега дрогата доаѓа по копно… знаете, копното ќе биде следно“, додаде американскиот претседател, повторувајќи ги заканите за проширување на нападите врз териториите на земјите што Вашингтон ги обвинува за олеснување на трговијата со дрога во САД.
Од почетокот на септември, американската војска изврши напади врз најмалку девет бродови во Карибите и Пацификот, при што загинаа најмалку 37 лица. Вашингтон ја нарече операцијата борба против „наркотерористи“, но не достави докази за да ги поткрепи тие обвинувања.
Засилената операција на Вашингтон против латиноамериканските нарко картели вклучува распоредување на американски воени бродови, борбени авиони Ф-35, нуклеарна подморница и илјадници војници во карипскиот регион.
САД, исто така, ја засилија својата реторика против лидерите на Венецуела и Колумбија, обвинувајќи го претседателот Николас Мадуро во Каракас и Густаво Петро во Богота за вмешаност во трговијата со дрога.
Венецуела ги обвини САД дека ја започнале кампањата против картелите како дел од заговор за соборување на претседателот Мадуро. Тој во среда изјави дека неговите вооружени сили поседуваат 5.000 руски ракети земја-воздух за да се спротивстават на каква било американска воена интервенција.
Најмалку еден американски бомбардер Б-1Б прелета над Карипското Море покрај брегот на Венецуела во среда, второ такво прикажување на американската воздушна моќ за една недела, објави новинската агенција АФП. На прашањето за инцидентот, Трамп рече „тоа е лага“, пред да додаде дека САД „не се задоволни од Венецуела од многу причини“.
Трамп, исто така, рече дека сега треба да му биде јасно на целиот свет дека нарко-картелите се „ИСИС на западната хемисфера“. Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет направи слична споредба, велејќи: „Исто како што Ал Каеда водеше војна против нашата татковина, овие картели војуваат против нашата граница и нашиот народ“.
Мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум и колумбискиот претседател Петро ги осудија нападите на Вашингтон врз бродови во меѓународни води, нарекувајќи ги кршење на меѓународното право.
„Очигледно, не се согласуваме. Постојат меѓународни закони кои регулираат како мора да се спроведуваат операциите… Тоа јасно ѝ го ставивме до знаење на владата на Соединетите Американски Држави“, рече Шајнбаум во четврток.
Петро, кој беше во јавна вербална расправија со Трамп, рече дека САД „вршат вонсудски убиства“ што „го кршат меѓународното право“.
„Амнести интернешнл се спротивставува на ракетните напади во Карибите. Целото меѓународно право е прекршено во Карибите“, објави Петро на социјалните мрежи.




























