Американскиот министер за енергетика Крис Рајт смета дека вештачката интелигенција во следните 5 години ќе овозможи користење енергија од нуклеарна фузија – енергијата што ги напојува Сонцето и ѕвездите, и тоа ќе биде во полза на човекот. Така, наводно, „ќе се намалаат стакленичките гасови“ што ја затоплуваат планетата.
Во интервју за британскиот сервис Би-Би-Си Рајт изјави дека оваа технологија би можела да ги снабдува електричните мрежи низ целиот свет за најмногу 15 години, што ја прави клучна за намалување на присуството на стакленички гасови.
Неговите тврдења се изненадувачки и за најголемите ентузијасти околу оваа технологија. Иако искористувањето на енергијата ослободена со фузија, односно со соединување на атоми, ветува огромни количини нискојаглеродна енергија, повеќето научници веруваат дека комерцијалните електрани за фузија сè уште оддалечени се децении од нас.
Сепак, Рајт, кој самиот ја проучувал нуклеарната фузија, стои цврсто зад своите предвидувања.
– Со вештачката интелигенција и она што се случува во националните лаборатории и во приватните компании во САД, ќе имаме пристап до фузиска енергија на многу начини во следните 5 години. Оваа технологија ќе биде на нашата електрична мрежа за 8 до 15 години – рече тој.
Секретарот за енергетика во администрацијата на Доналд Трамп ја искористи можноста и да ја повика британската влада да ја укине фактичката забрана за хидраулично фрактурирање – техника што се користи за вадење нафта и природен гас од длабоки карпести слоеви и да издаде нови дозволи за вадење нафта и гас од Северното Море.
Рајт ги повтори тврдењата на Трамп дека напорите на Европа да се откаже од фосилните горива водат кон деиндустријализација и кон осиромашување на граѓаните.
Тој, исто така, го бранеше контроверзниот извештај што неговиот оддел го објави во јули, во кој што се тврди дека заканата од климатските промени е претерана.
Повеќе од 85 научници остро го критикуваа извештајот, велејќи дека е преполн со грешки и дека податоците се пристрасни.
– Постојат многу гласини. Американската влада се обидува да ја врати „вистинската наука“. А, еден од проблемите со науката е тоа што таа стана толку политизирана во климатскиот свет, така што ако отстапите од „црквата“, вашето финансирање е намалено – рече Рајт.
Министерот ги отфрли наводите дека намалувањата на финансирањето на климатските истражувања од страна на администрацијата на Трамп ќе ѝ наштетат на американската наука, и покрај гласините дека кратењето на парите би можело да го загрози развојот на нови метеоролошки сателити, па дури и да ја затворат опсерваторијата „Мауна Лоа“ на Хаваи.