Британскиот премиер Кир Стармер најави дека Обединетото Кралство е подготвено да ја признае палестинската држава на Генералното собрание на Обединетите нации во септември, освен ако Израел не ги исполни одредените услови – пред сè, прекин на огнот во Газа.
Според Стармер, признавањето ќе следи доколку израелската влада не направи „суштински чекори“ за ставање крај на трагичната хуманитарна ситуација во Појасот Газа, вклучително и воспоставување на траен прекин на огнот и обврска за вклучување во долгорочен мировен процес.
Тој нагласи дека Велика Британија не гледа еквивалентност помеѓу Израел и Хамас, и ги повтори британските барања до палестинската организација – итно ослободување на сите заложници, прифаќање на прекин на огнот, целосно разоружување и откажување од каква било улога во идното управување со Газа.
Стармер се обврза дека пред септемврискиот состанок на ОН ќе направи детална проценка за тоа колку од страните ги исполниле поставените услови, по што ќе следи конечната одлука.
Во моментов, околу 140 земји ја признаваат палестинската држава, а минатата недела Франција соопшти дека ќе ја формализира својата поддршка токму на претстојното собрание на ОН.
Во меѓувреме, Министерството за здравство во Газа, управувано од Хамас, соопшти дека над 60.000 Палестинци загинале од почетокот на израелската офанзива.
Фото: EPA-EFE/JAIMI JOY / POOL