Веќе од утрово во Франција ескалира големиот синдикален штрајк, а полицијата веќе приведе триесет демонстранти во градовите Тулуз, Брест и Марсеј. Бројката, според надлежните, може драстично да се зголеми во текот на денот, бидејќи на улиците низ целата земја се очекува да излезат помеѓу 600.000 и 900.000 граѓани. Атмосферата е напната, а безбедносните служби стравуваат дека би можеле да се повторат сцените од минатонеделните насилни протести, кога демонстрантите се судрија со полицијата.
Протестите денес се организирани на 250 локации, што Франција ја претвора во вистинско жариште на незадоволство. Само во раните утрински часови беа регистрирани повеќе од четириесет блокади на патиштата, а полицијата успеа да расчисти само дел од нив. Иако во првите часови се зборуваше за две лица приведени, ситуацијата брзо ескалираше и бројката се искачи на над триесет.
Во Париз, каде што се очекува најмасовното присуство, веќе владее страв од немири. Префектот на градската полиција Лоран Нуњез предупреди дека протестниот марш може да излезе од контрола и ги повика трговците да ги затворат продавниците. Властите распоредуваат дури 80.000 полицајци низ земјата, а во готовност се ставени и 24 оклопни возила на жандармеријата и 10 водни топови, безбедносен арсенал невиден од протестите на „Жолтите елеци“ во 2019 година.
Штрајкот ја парализира државата: железницата сообраќа со половина капацитет, париското метро е скратено само на неколку линии, секој трет регионален воз е откажан. Во училиштата, секој трет наставник одбива да држи настава, а граѓаните ќе се соочат со огромни тешкотии и во здравството, откако дури 98% од аптеките објавија дека им се приклучуваат на протестите.
И покрај хаосот, поддршката за штрајкот останува силна – 56% од Французите велат дека го поддржуваат или имаат симпатии за протестите, што јасно укажува дека незадоволството од политиките на претседателот Емануел Макрон и неговиот нов премиер Себастијан Лекорну не стивнува. Напротив, денешниот ден може да биде само почеток на уште поголеми немири.