Вардар го заврши своето кратко европско лето со убедлив пораз на гостински терен од Лозана, Швајцарија – со резултат 5:0, што значеше и елиминација од понатамошните квалификации за европските натпреварувања. Македонскиот претставник не успеа да се спротивстави на далеку поквалитетниот ривал, кој уште во првото полувреме ги потврди амбициите и класата.
Домашниот тим започна фуриозно и веќе до 33. минута имаше водство од 2:0. Првиот гол беше дело на Дусен, по асистенција на Кустиодио, додека вториот го постигна Сене, по убаво проигрување од страна на Лекуеири. Токму Сене беше најзабележителен на теренот – со два гола во првото полувреме, од кои вториот дојде длабоко во судиското надополнување, по асистенција од Дусен.
Во вториот дел, продолжи торнадото на домаќините. Ајдини во 55. минута зголеми на 4:0, а точка на натпреварот стави Траоре во 84. минута, по додавање од Око. Сите замени кај двата тима не донесоа суштинска промена – Вардар немаше енергија, ниту тактичка длабочина за да се врати во мечот, а секоја нивна грешка беше казнета.