Најмалку едно лице загина, а неколку други се повредени кога денеска автомобил влета во толпа луѓе во германскиот град Манхајм, јавија германските медиуми. Според „Манхајмер Морген“, автомобилот со голема брзина се движел низ центарот на градот пред да удри во толпа луѓе, при што едно лице загинало.
Според „Билд“, состојбата на повредените е тешка.
Снимките на социјалните мрежи покажуваат голем број полицајци на улица. Некои луѓе лежат на улица. „Билд“ пренесува дека возачот на автомобилот кој влета во толпата е приведен.
Полицијата ги контролира сите улици и мостови на излезот од градот, додека хеликоптер лета над Манхајм. Медиумите јавуваат дека едно лице лежи под церада на местото на настанот.
Во тек е голема акција за одговор при итни случаи, а голем број полицајци се присутни во центарот на градот.
Според информациите од новинарите на местото на настанот, мостовите кон Лудвигсхафен биле блокирани од тешко вооружена полиција, пренесува „Манхајмер Морген“.
Полицијата ги повика граѓаните да го избегнуваат овој дел од градот поради тековната полициска акција.
Според првичните информации, црн теренец со голема брзина удрил во луѓе. На терен се бројни полициски патроли и спасувачки екипи.