Утревечер на платото пред хотел „Палас“ на кеј „Македонија“ ќе започне четвртото издание на Ohrid Wine Festival. Оваа манифестација годинава ќе понуди презентација на македонските винарии, богата музичка програма и неповтoрлива забава за охриѓани и туристите.
Официјаната програма на винскиот фестивал беше најавена денеска од страна на градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.
-Чест и задоволство ми е што денес имам можност да го најавам четвртото издание на Охридскиот вински фестивал – настан кој полека но сигурно станува попрепознатлив белег на нашата туристичка понуда.
Фестивалот и оваа година ќе понуди вистинско уживање на брегот на Охридското Езеро – со дегустација на најдобрите македонски вина, богата музичка програма и весела атмосфера, пред самиот старт на летната сезона во Охрид.
Би сакал посебно да нагласам дека и оваа година се погриживме музичката програма да биде исполнета исклучиво со настапи на македонски естрадни ѕвезди – кои ќе приредат незаборавна забава.
Утревечер, на отварањето на фестивалот на сцената ќе настапат DJ Gec, Backdoor band, Тамара и Brass brothers. Вториот фестивалски ден, петок е резервиран за „Куку Леле“, Дац и Александар, „Пауза за ракија“, DJ Nasti и Urban planet. Третиот фестивалски сабота за забавата ќе бидат задолжени „Ареа“ и Влатко Лозановски, „Kамелеон“ и DJ Jana.
Би сакал да упатам благодарност до Македонските винарии кои во континуитет ја препознаваат можноста за презентација на својот бренд и оваа година ги имаме во голем број.
Општина Охрид и понатаму ќе продолжи да ги поддржува ваквите настани, кои не само што ја збогатуваат забавната понуда за нашите гости, туку отвораат нови можности за промоција на домашните производи и за развој на туризмот како една од нашите клучни гранки.
Ве поканувам сите да бидете дел од фестивалот, да го споделиме заедничкото уживање и уште еднаш да покажеме зошто Охрид е синоним за традиција и гостопримство, истакна Пецаков.
Покровител на овој тридневен фестивал е Општина Охрид, а истиот е организиран од „Крафт Продукција“.