Уставниот суд утврди дека претседателот на Собранието му ги прекршил правата на пратеникот Сали Мурати

Lorita
By Lorita 5 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Уставниот суд утврди дека на пратеникот Сали Мурати му е сторена повреда на слободата на јавно изразување на мислата и правото на политичкото дејствување, со тоа што претседателот на Собранието не ги проследил пратеничките прашања од Мурати до Министерството за култура и туризам и до министерот за внатрешни работи. Прашањата биле поднесени во писмена форма на 5 август 2024 година, пред да истечат 100 дена од изборот на новата влада.

„Уставниот суд во овој случај го примени т.н тест на нужност во демократско општество, кој го применува Европскиот суд за човекови права, со цел да оцени дали ограничувањето било оправдано или постои повреда на слободите и правата. Првото прашање од овој тест е дали постои вмешување во слободата на јавно изразување на мислата и слободата на политичко дејствување? Непроследувањето на поставените пратенички од страна на претседателот на Собранието до Министерството за култура и до министерот за внатрешни работи, како дел од предвидената постапка во вакви случаи, претставува вмешување“, соопшти Уставниот суд.

Анализата, се додава во соопштението, утврди дека не постои уставен институт „100 дена од изборот на Владата“ во чии рамки истата би била ослободена од политичка контрола во форма на пратеничко прашање. Напротив, според уставното, законското и деловничкото уредување произлегува дека Владата функционира во полн капацитет од првиот ден на својот избор и е одговорна пред Собранието .

„Не постои пречка за поставување пратенички прашања во овој период“, потенцира Уставниот суд.

Второто прашање од тестот, се додава во соопштението, е дали вмешувањето е предвидено со закон?

„Деловникот не содржи правен основ согласно кој, претседателот на Собранието може да не ги проследи пратеничките прашања поради неизминати 100 дена од изборот на новата Влада. Од ова произлегува дека вмешувањето не било засновано на закон. Основот „воспоставена собраниска пракса“, на кој се повикува претседателот на Собранието, не е, ниту може да биде основ за вмешувањето“, соопшти Уставниот суд.

Судот во овој предмет даде одговор и на другите две прашања, заради утврдување на тежината на повредата: дали со вмешувањето се остварува одредена легитимна цел и дали е нужно во демократско општество?

„Согласно Европската конвенција, тие легитимни цели се: државната безбедност, територијалниот интегритет и јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширењето на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството. Во дописот на претседателот на Собранието со кој подносителот се известува дека неговите пратенички прашања не се доставени, не е наведена ниту една од овие причини, ниту пак таква објективно постои, ако се има предвид содржината на поставените пратенички прашања. И на крајот, одговорот на прашањето дали ваквото вмешување е нужно во демократско општество, повеќе од очигледно е дека во случајот тоа не е така“, соопшти Судот.

Судот, се додава, го имаше предвид фактот дека поставувањето пратеничко прашање е уставно право на секој пратеник како претставник на граѓаните во Собранието предвидено со член 72 став 3 од Уставот. Според тоа, непостапувањето согласно постоечка правна обврска може да се квалификува како дејствие – несторување, со кое може да биде сторена повреда на слободите и правата.

- Advertisement -
Ad image

„Поставувањето пратенички прашања е инструмент на политичка контрола од страна на пратениците. Преку нив се изразува одреден став, мислење и се бара одговор за прашања за кои претставниците на граѓаните сметаат дека се важни за електоратот и на чие поставување претходел одреден мисловен процес кој се манифестира токму преку поставувањето прашање. Самиот чин на поставување е секако акт на политичко дејствување преземен од поединец кој врши политичка функција во рамките на политичка институција и чие поставување зависи од неговата волја и одлука да се постави такво прашање“, додава Уставниот суд.

Share This Article