Не Русија туку доскорешната американската администрација на Џо Бајден пробала да се меша во изборите во Романија, тврди Ричард Гренел, специјалниот пратеник за мисии на актуелниот американски претседател Доналд Трамп. Гренел напиша и дека УСАИД учествувал во романскиот „пуч“ со бојкотирање на десничарот Калин Георгеску:
„Странските програми на УСАИД се вооружени против политичарите кои не се разбудени“.
Ќе се повтори ли изборниот хаос во Романија на повторените избори закажани за 4 мај? Додека уставниот суд во земјата ја прифати оставката на претседателот Клаус Јоханис, земјата се наоѓа пред политичка криза. Јоханис изјави дека се повлекува за да ја поштеди земјата од кризата, односно од собраниската расправа за негов импичмент која беше најавена како засилен притисок од опозициските партии.
Ден отако Јоханис даде оставка, романската полиција изврши претрес во домот на Раду Пали, шеф на предизборната кампања на Георгеску. Оваа акција предизвика жестока реакција од Георгеску, кој ја осуди како обид за заплашување.
Сè уште не е јасно дали Георгеску ќе може да учествува на овие повторени избори. Доколку ниту еден кандидат не добие повеќе од 50 отсто од гласовите, втор круг ќе следи две недели подоцна.
На ноемвриските избори тој победи во првиот круг, но уставниот суд тогаш ја одложи претседателската трка два дена пред вториот круг поради обвинувањата кои се појавија за наводно руско мешање во романските избори и кршење на изборните правила.
Но, кој точно се замеша во изборите и имаше ли мешање? Разузнавачките информации за наводната интернет кампања на Москва во поддршка за Георгеску беа објавени откако доскорешниот претседател Јоханис ја симна ознаката за тајност.
Додека гласачите се подготвуваат за повторување, приврзаниците на Георгеску протестираа на плоштадот Викторија во Букурешт во понеделникот вечерта поради поништувањето на неодамнешното гласање.
Во групата која се обидела да го пробие полицискиот кордон имало и лице кое имало нож, а имало и такви кои поттикнувале насилство. Приведени се неколку лица.
Демонстрантите извикуваа „Втор круг, назад“, „Гласавме, вие украдовте“, а некои продаваа јајца, сирење, сланина и млеко пред зградата на владата на централниот плоштад, пишува „Романија Џурнал“, додавајќи дека протестот се одржал на денот кога Георгеску ги повикал граѓаните да ги бојкотираат големите трговски ланци.
Привремениот претседател Илија Болојан Привремен претседател на Романија ќе биде Илије Болојан, вториот човек во земјата, претседател на Сенатот, лидер на Национал-либералната партија (ПНЛ), откако тој привремено се повлече од партиската функција, како што налага Уставот.
Проевропските партии во Романија, вклучително и Социјалдемократската партија (ПСД), Национал-либералната партија (ПНЛ), Алијансата за спас на Романија (ССР), Унгарската демократска унија на Романија (УДМР) и Парламентарната група на националните малцинства, вчера објавија дека се посветени на заедничка владина програма и поддршка за евентуален заеднички кандидат на изборите.