Управител од Република Турција е уапсен денеска во Зелениково, откако полициските служби открија и одземаа 2.014 килограми сув цвет од растението канабис во објект за производство на марихуана за медицински цели.
Против Ш.Ф. (43) и правното лице што го управувал, Министерството за внатрешни работи веќе поднесе кривична пријава по член 95-в од Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, поради утврдени сериозни нерегуларности во работењето.
– Станува збор за производство на марихуана надвор од дозволените рамки. И покрај тоа што лицето се водело како производител за медицински цели, утврдено е кршење на законските одредби. Ќе има нула толеранција за секој обид за злоупотреба на лиценците – изјавија од МВР.
Акцијата ја спроведоа полициските службеници од Бирото за јавна безбедност, Единицата за недозволена трговија со дрога, Одделот за криминалистичка полиција и Одделот за организиран и сериозен криминал, со поддршка од Единицата за брзо распоредување.
Одземениот канабис е веќе пренесен во магацин на Агенцијата за управување со одземен имот. Случајот добива дополнително внимание поради количината и начинот на прикривање зад легална дозвола за медицинска употреба.