Управата за хидрометеоролошки работи издаде црвен метеоаларм за утре, за опасност од екстремно топло време. Се очекува температурата да достигне до 42 степени Целзиусови.
Црвеното предупредување важи за целата територија на Македпнија.
„Метеоаларм за утре: Времето утре ќе биде сончево и многу топло, со дневна температура која ќе биде во интервал од 35 до 42 степени“, предупреди УХМР.
Алармите за предупредување на населението од временски непогоди се издаваат во жолта, портокалова и во црвена боја и се дел од системот за метеопредупредувања во Европа. Жолт аларм значи умерена опасност од временските прилики, со можност за умерени последици по околината, портокалов значи дека опасноста е голема, а црвениот аларм предупредува за екстремна опасност, со можност за катастрофални последици по луѓето, нивните имоти и по околината. Алармите се издаваат за различни временски прилики и појави: за ветер, дожд, горештина, студ, снег, мраз, грмотевици, крајбрежни настани, шумски пожари, лавини, поплави, порои, опасности на море и за суша.
Највисока температура од 41 степен денеска се иземерени во Скопје-Петровец, Велес, Кавадарци и Демир Капија, додека 40 степени се измерени на Зајчев Рид во Скопје и во Гевгелија. Како што информираат од УХМР, 39 степени се измерени во Битола, Штип и Струмица, 38 во Тетово и во Виница, 37 во Прилеп, 36 во Крива Паланка, 35 во Охрид и Претор, 34 во Берово, 31 во Крушево и во Маврови Анови, 30 во Лазарополе и 26 на Попова Шапка.

И во следните денови, според УХМР, времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Дневната температура насекаде ќе биде над просекот за месец јули. Топлиот бран од југ се очекува да трае до сабота.